Најновиот аеродром кој идната година ќе биде отворен во Пекинг се планира да стане и најголем на светот.
Дизајниран е од сега покојната Заха Хадид, а многумина велат дека аеродромот ќе изгледа како вселенско летало.
Стариот аеродром е и понатаму во употреба, а новиот ќе може да опслужи дури 45 милиони патници на своите четири писти. До 2025 година се предвидува таа бројка да порасне до 75 милиони годишно.
Изградбата на терминалот чини 12 милијарди долари и ќе биде отворен во јуни 2019 година, а според идејата на Заха Хадид аеродромот е дизајниран на таков начин да ја “оживее хармонијата на кинескиот рељеф, како и кинеската култура”.
Аеродромот се наоѓа 46 километри од центарот на Пекинг, а до него ќе сообраќаат брзи возови и автобуски линии.
Најголемиот аеродром на светот моментално е “Хартсфилд – Џексон” во Атланта, САД, кој таа титула ја држи од 1997 година и годишно низ него поминуваат над 100 милиони патници.
Неодамна во Истанбул турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го отвори новиот аеродром чија изградба чинела 11,7 милијарди долари, за кој исто така се очекува да биде најголем во светот и да превезува околу 200 милиони патници откако целосно ќе заврши неговата изградба.