Ракометарите на РК Прилеп го доживеаја првиот пораз во Супер лигата сезонава. Вчеравечер во спортската сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, избраниците на Божидар Мојсов беа поразени од РК Охрид со 26:30 (13:16 на полувремето).
Катастрофалната игра во одбраната беше главната причина за овој пораз. Прилепчани го започнаа натпреварот добро и поведоа со 2:0, но Охрид брзо возврати и поведе со 3:4. До последните минути од првото полувреме резултатот беше речиси во егал. Охрид направи разлика од 3 гола, 8:11, па прилепчани се разбудија и дојдоа до 12:13, но тоа беше се’.
До крајот на целиот натпревар на теренот играше само една екипа, тоа беа гостите, кои во некои моменти водеа со разлика и од 7-8 голови.
Најдобар поединец кај РК Прилеп синоќа беше Никола Јеремиќ со 6 погодоци, а го следеа Пеце Рајатовски и Томислав Квастек со по 4 погодоци.
Она што може да се забележи е отсуството на капитенот од минатата сезона, Филип Велески, чие присуство на теренот даваше цврстина во одбраната. Очигледно е дека Прилеп сезонава нема таков играч во одбраната, па ќе мора да се подобрува за да не губи лесно во иднина.