Традиционално на денот на празнувањето на природата, на денот на разбудувањето на вегетацијата и животот, на Ѓурѓовден, турските исeленици од прилепското село Канатларци, кои живеат во општина Бајрампаша од Истанбул, доаѓаат во својот роден крај, да го посетат дедовото огниште, да се сретнат со роднините и пријателите на заедничка дружба и да се потсетат на спомени на канатларските средби.
100-тина иселеници од општина Бајрампаша од Истанбул беа дел на прославата „Меѓународна ѓурѓовденска манифестација на Општина Прилеп и Здужението Канатларци и околните села“ која се одржува втора година по ред во организација и на иницијатива на Здружението Канатларци и преставници од Бајрампаша-Турција. На средбата беше поканет и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Ние сме пример како македонското и турското население живее во еден соживот и меѓусебно почитување. Така било некогаш, така е сега, така ќе биде и во иднина – да градиме заеднички односи во интерес на Р. Македонија и нашата братска држава, Р.Турција. Со оглед на тоа што најмногу иселеници од прилепско и Канатларци живеат токму во Бајрампаша, во иднина планираме двете општини, Општина Прилеп и општина Бајрампаша од Истанбул да се збратимат“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Сакам да ги поздравам сите присутни на оваа прослава ние во Општина Бајрампаша имаме одличен соживот заедно со населението од Канатларци кое живее во Турција, сакам особено да го поздравам градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој денеска присуствуваше и ги поддршка овие средби“, истакна Хасан Мутлу, претседател на општинската организација на националната републичка партија во Општина Бајрампаша, Истанбул.
Канатларските средби на „Меѓународна ѓурѓовденска манифестација на Општина Прилеп и Здужението Канатларци и околните села“, беше проследено со песна и турско оро, на кое им се придружија и стари и млади, а гостите најавија следна средба до година.