Како изгледал прилепскиот пазар во своите почетоци (ФОТО)

Центарот на стариот пазар. Неколку тезги наликуваат на маси, наредени на празен простор околу чешмата. Просторот е како писта со неколку бетонски тезги, кои скромно навестуваат бурен пазарџиски живот.

Луѓето од селата доаѓале да продаваат. Ќе се стуткале на некој ќош и ќе нудат пресни јајца, наредени во плетени корпи со слама или ќе кандисуваат да мерат на кантар домати, пиперки, бостан од нивните градини.

Неизбежни биле и живите кокошки и петли. Се нудело и маштеница и сирење.

Се плаќало дулија. Тоа е такса за тезгата која ја држат во пазарот. Тоа биле првите знаци на пазарната економија. И да врни, и да вее, пазарот буел со богат асортиман од квалитет и неквалитет.

Покрај сувото, со убедување “горело” и суровото. Се купувало, според “џебот”, вкусот и убедувањата. Зашто, нели се вели “За секоја стока има муштерија”. Обично купувале граѓаните, кои немале свое производство, а селаните пазареле шеќер, сол, и газија.

Пазарот сега е модерен, покриен, да не им сметаат временските неприлики и на продавачаите и на муштериите. Се нуди “од пиле млеко”.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.