Шеесетината вработени во загубарот Еурокомпозит веќе петти месец откако беа испуштени на принуден одмор, тотално заборавени од државата. Досега ниту некој ги контактирал, ниту пак зеле некаков надоместок, а започнале и кражбите на скапи делови од машини во фабриката, која пак е без струја и ја обезбедува полициајта – објави “АЛФА ТВ”.
“Тие машини се уништени трајно. Не можи во никој случај да функционираат. Тие делови што се украдени, не можи ниту да се набават, ниту да се купат за да продолжи таа машина да работи. Тие се крадени дури чува полицијата, ама се фатени крадците, но штетата е огромна. Значи тие не се извадени така со алат, туку се откорнати од машините”, вели Роберт Богданоски.
Велат во вода им паднале и обидите за обнова на договорот со МВР за производство на панцири, како нивна последна надеж, за самостојно колку толку да си ја реанимираат компанијата.
“Ние ваква фирма, имаме матретијал за 200 елеци. Ако ние имаме пари, да вложиме 800.000 евра, ние немаше да чекаме ниту досега. Затоа баравме нивна помош, тоа што имаме да изработиме, да ни платат, дел од тие пари да употребиме за суровини, да го дозавршиме договорот, дел ќе поделевме по луѓето”, велат од компанијата.
Во меѓувреме испраќале и неколку дописи до вицепремиерката Мила Царовска, меѓутоа досега, освен префрлање на топката меѓу владините функционери, не добиле никаков одговор.
Извор: “AЛФА ТВ”