Нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик започнуваат со работа на престижниот Анкарски универзитет во Турција, соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
„Салата на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет вчера беше мала за да ги собере сите кои беа заинтересирани да го проследат првиот промотивен час по македонски јазик. Ова е конкретна потврда дека залагањата и вложувањата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) за интензивирање и унапредување на соработката со странските високообразовни и научни институции веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство, сега и со отворање нови странски македонистички центри. Со новоотворената Катедра за македонски јазик и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет започнува нова успешна приказна за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, на странските високообразовни и научни институции – приказна која е од исклучително големо значење и за нацијата и државата“ – се вели во соопштението.
Инаку, со отворањето на Катедрата за македонски јазик под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет, македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција. Поконкретно, на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик која сега ја раководи проф. д-р Туркан Олџај, која заедно со раководителката на Одделот за славистика, проф. д-р Емине Инанир и со лекторката по македонски јазик, д-р Габриела Ивановска, успеаја од годинава, македонскиот јазик да го стават на листата јазици што можат да го изучуваат сите студенти на Универзитетот.
– Неизмерни се радоста и гордоста што и Анкарскиот универзитет постанува македонистички центар. И тоа не само со можност за отворање нов лекторат по македонски јазик, туку и со одделна Катедра за македонски јазик, со која македонистиката, веднаш добива поголема важност, односно статус преку кој дополнително се гарантира нејзиното развивање на анкарскиот Факултетот за јазици, историја и географија – истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Таа упати благодарност до колегите од Анкарскиот универзитет, особено до раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, за посветеноста и пожртвуваноста да се случи оваа македонистичка приказна, со која мостовите на соработка, содејствување и пријателство меѓу двата народна и двата универзитета – УКИМ и Анкарскиот универзитет, сега се уште посилни.
Работата на Катедрата за македонски јазик и на Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет започна успешно. Вчерашниот прв промотивен час по македонски јази го одржа лекторот Дарко Темелкоски, а организацијата на настанот беше координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс. На предавањето, покрај бројните студенти, присуствуваа и членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија, заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик.