Интервју со Сара Нешкоска, млад автор матурант гимназијалец кој неодамна го напиша својот прв роман

image001

Mладоста е предност за многу работи, шанса за реализација на зацртаните планови, можност за сонување, но и за творење, за отворање и спознавање на нови светови. Матурантката Сара Нешкоска веќе започна да открива нови светови и преку мирисот на мастилото и хартијата да ги доловува новите тајни на сите останати. Неодамна го заврши својот прв роман насловен како “Дали се сеќаваш ?”, a за нас открива кои и се главните приоритети во иднина и што можат да очекуваат следно читателите од неа.  

 Од кога се занимаваш со пишување?

Со пишување започнав да се занимавам уште од мои 9 години започнувајќи со поезија, а потоа се повеќе и повеќе ме привелкуваше прозата и се свртив кон неа.

За што се работи во романот?

Самиот роман е проследен со љубовна тематика. Воглавно љубовта игра главна улога низ страниците, но не се изоставени и социјалните елементи.

Која беше инспирацијата за да го напишеш романот?

Насловот е тој кој одигра голема улога и ме предизвика да го создадам овој роман. Можеби носталгичноста по некои денови, моменти, личности… направи да го земам пенкалото и да почнам да творам.

Колку време ти беше потребно за да го завршиш?

Идејата за романот како и почетокот за истиот беше на 16 години, а го завршив една година подоцна.

Што би им препорачала на оние кои сакаат да пишуваат?

Би апелирала да пишуваат, да творат со огромна љубов, бидејќи пишаниот збор испратен од срцето никогаш не лаже. Има нешто магично што се крие во него: некоја идеја, некоја поука, некое чувство, сoживување, некаква смисла и моќ што привлекува да продолжиш да читаш и пишуваш, и потоа прераснува во навика која станува зараза и не те остава никогаш да се откажеш. Убаво би било кога на корицата од секоја книга би пишувало: Книгата е твој пријател, читањето не убива!

Што следно да очекуваат читателите?

Засега знам дека не би се откажала никогаш од пишување, бидејќи пишувањето ме исполнува, ме охрабрува и ми е верен пријател. А за во иднина се надевам дека овој роман ќе биде само навестување за наредни романи.

Ти благодараме и ти посакуваме многу успеси во иднина, како и многу други вака добро спакувани дела.

Благодарам и јас.

Следува промоција на романот на 4 јули во 18 часот во ресторант Македонска куќа.

image002



 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.