Интервју со Марија Дулеска: Доктор на науки по англиски јазик и неисцрпен извор на инспирација за учениците

Повеќе од две децении во образование, инспиративен професор по англиски јазик, учениците ја обожаваат, а англискиот јазик им станува втор мајчин јазик. Девет години менаџер на ООУ “Блаже Конески”, образована институција која во тие години доживеа вистинска ренесанса. Еден од ретките доктори на науки по англиски јазик од нашиот град, жена која постојано се надоградува и вложува макотрпен труд во што и да работи. Марија Дулеска е пример од професор со кого ни беше чест да разговараме и да ја пренесеме нејзината реализираност и успешност. Во продолжение проследете го интервјуто во кое разговаравме за повеќе прашања на приватен и професионален план.

Повеќе од 20 години работите во образование. Кои се клучните моменти кои влијаеле во оформувањето на вашата кариера, од почетокот па до денеска?

-Најраните почетоци – иницијалната каписла е од мајка ми Дора Аџиовска. Во 70-тите таа живееше во Торонто, Канада кај сестра и’, која и покрај сите несогласувања на останатите од семејството каде што растев, ме запиша во тогашниот пионерски дом “Мирче Ацев”, тогаш единствен за англиски јазик, со нејзина визија дека aнглискиот ќе ми треба. Тоа стана моја определба. На мои 11 години сонував да бидам професор по англиски јазик. Поддршката понатаму од сите, oсобено од татко ми, вработувањето прво во ООУ “Гоце Делчев” Прилеп како професор по aнглиски јазик во 2001.година, и се разбира понатаму се вложуваш и постојано се усовршуваш.

Вие сте еден од ректките доктори на науки по англиски jaзик од нашиот град. Како успеавте да го достигнете тоа ниво и постојано да инвестирате во своето образование, и покрај домашните обврски, обврските околу наставните часови и улогата на мајка?

– Сонот ми беше да станам професор доктор. Магистрирав на УКИМ со 10.00 просек и докторирав на факултетот на Југоисточна Европа со просек 9.40. Ќе бирав да докторирам на некој од државните факултети, но местата не ги даваа и ги чуваа за свои луѓе. Вложив многу интелектуален труд, знаења, учества по конференции материјални средства – се’ што е потребно да се добие на регуларен начин највисoката титула професор доктор. Во настава сум постојано, постојано со часови, работата ја работам нa највисоко ниво, која постојано се продлабочува и усовршува. Околу домашните обврски мајка ми претходно и сега свекрва ми се секогаш тука за помош. Сопругот Гоце околу домашните обврски е секогаш тука. Синот Стефан има 19 години и е студент во прва година на Електротехнички факултет во Скопје – отсек автоматика и роботика. Докторатот ми е посветен на моите двајца покојни родители Василе и Дора, заради нивната пожртвуваност за јас денеска да сум тоа што сум.

Постои ли разлика во нашиот образовен систем? Дали работите се променуваа на подобро во изминатите две децении, или се’ уште недостига вистинска реформа?

-Кога надлежните институции ќе се одважат да примат мислење од т.н база – т.е. од нас, кои го работиме нештото и сме по највисок степен рангирани како еминентни професори по Англиски јазик, тогаш ќе добијат сознанија кои се најголемите слабости. И кога уште еднаш ќе се одважат да побараат стручно мислење пак од нас, ќе може да се направи квалитативна промена во обраование. Мислењето се црпи од базата од кредибилни на струката долгогодишни професори.

Oд учениците сте избрани како еден од најинспиративните педагози. Низ “ваши раце” поминале голем број ученици на кои англискиот јазик им станал како мајчин, а со тоа подоцна изградиле успешни кариери во различни општествени сфери. Дали класичниот метод на предавање лекции од учебник е клучно за успешно пренесување на знаењето, или користите и други методи?

-Во наставата импровизација е дозволена само ако немаш материјали, средства за работа. Но и тогаш не е дозволена. Предавам темелно, стручно. Од моето знаење создавам нови шеми табели, покажувања – типс – за учениците полесно го сфатат материјалот. Работам 23 години и сега им предавам на децата на моите први ученици. Ја предавам основата и потоа само надоградувам систематски, знаејќи кој до каде е. Ги водам и систаматски усовршувам. Секако тоа е реверзибилен процес. Но, нема можност ученикот кај мене да не научи ако сака да научи, т.е да има волја, а и тоа го развивам поттикнувам, инаку сум многу строг професор. Барам работна дисциплина.

Во Прилеп сте познати и по вашето приватно училиште “Англиски кај Марија”. Десетици илјади неделно ги гледаат и учат од вашите видеа на социјалните мрежи, се восхитуваат на постигнатото на учениците и се бара место повеќе, особено од најмалите. По што е посебно “Англиски кај Марија” и што го издвојува од другите школи за странски јазици во нашиот град?

-Јас својата енергија морам да ја вложувам некаде – морам да се чувствувам корисна. 9 години вложував во логистика, инфраструктура, како раководител на ООУ “Блаже Конески” – напорна работа полна со замки предизвици и водство. Сега од 2019. годina постои “Англиски кај Maрија” кое е основано во спомен на мајка ми. Едукативниот центар е посебно место, затоа што кон секој ученик пристапувам со индивидауален пристап и веднаш знам кој е, што недостасува, каде треба да се обрне внимание. Не работам групна настава, поради поголемиот ефект на индивидалната работа. Така ми е многу потешко, водам комбинирана настава, но од моето училиште излегуваат прекрасни, посебни ученици. Секој ученик си е свој производ. Јас ги викам пакетчиња, и знам кај кого поединечно што сум сработила и до каде е стасано.

Со што можат да се стекнат вашите ученици после успешно завршените курсеви и колку пати неделно се одржува наставата?

-Учениците добиваат беспрекорно стекнато индивдуализирано знаење и дипломи, но дипломите не вредат ако нема знаења. Применливото знаење е она што е бесценето според петте компетенции на Европката јазична референтна рамка за изучување на јазиците. Говорната интеракција е крајната цел за изучување на јазикот, секако тоа е процес кој не запира.

Дали часовите ги посетуваат само основци и средношколци, или можат да се запишат и повозрасни слушатели?

-Ги има од сите возрасти, од 5 до 70. И возрасните се доволно храбри и немаат, и не треба да имаат предрасуди за изучување на англискиот јазик. Англискиот денеска треба да е, и е, како џебен додаток, кој постојано го користиш како дел од секојдневниот живот. Сите оние празнини кои возрасните ги имаат додека растеле, и не им било обрнато доволно внимание заради разни причини, сега со зрелоста ги надопоплнуваат и учат. За возрасните работам по програма на Hamilton House Publishers – Академска книга Скопје.

Новите технологии, западно-европската култура, англиските филмови и серии, во поново време предизвикаа еден феномен децата да разговараат на англиски јазик. Каде и да се завртиме ќе видиме деца на четири, пет, шест годишна возраст… како меѓусебе комуницираат само на англиски јазик. Дали овој феномен е загрижувачки, од аспект дека би можел да се девалвира нашиот македонски јазик, или пак ваквиот тренд е од корист на новите генерации?

– Како што влијанието е големо од странскиот јазик, кој е потреба, така треба да се учи македонскиот јазик. Не можеш да знаеш англиски ако не го владееш својот мајчин јазик. Значи македонскиот е базата и е прв јазик, а англискиот е втор. И секогаш ќе биде втор. Е сега работата на мајчиниот јазик паѓа на другите надлежни институции. Исто така потребни се реформи во наставниот план и програма за ставање на посебни акценти на одредени аспекти од изучување на јазикот, идентитетот, припадноста. Ние сме Македонци и тоа остануваме. Секој својот дел треба да го работи. Англискиот никогаш не може, не смее и нема да биде пред македонскиот јазик, но има одредени аспекти кои можеби би имале можност да се дискутираат во следна прилика. Се зависи од мотивацијата, посветеноста, желбата и прогресивноста.

Повеќе години бевте директор на ООУ “Блаже Конески”, период во кој ова училиште доживеа вистинска ренесанса. Училиштето заблеска од убавина, се уредуваше секое ќоше, учениците редеа успеси каде и да се појавеа. Што ве инспирираше да диктирате такво темпо на работа, што беше вашата крајна цел и дали се гордеете со тоа што го постигнавте?

– Јас сум генетски водач и постојаниот напредок е она што ме храни, дополнително мотивира и инспририра. Оперативниот менаџмент е мојот стил на функционирање. Создадов царство во тие 9 години, со многу жртва, пот, љубов, откажувања и сум горда на ООУ “Блаже Конески” за тоа време од 2008-2017. Вложив многу, се вложив себе си, семејството го ставив на втор план. Работев со многу љубов 25/7, и тоа е огромно животно искуство. Гo решив статусот на 50 вработени таму и постојано инвестирав. Сите капитални проекти од ограда, ПВЦ дограма, котлара, оградување, санитарии, парк, врати, плочки, балон сала, внатрешен инвентар, автомобил, кино сала, машини за перење, подрачното училиште во Варош – секоја година по минумум еден или два капитани проекти – се’ баш се’ – беше сработено. Огромен влог, и материјално, и по учества, и логостички, и духовно… Сетo тоа со рокови, и под главно водство на Марјан Ристески.

За крај една инспиративна порака до сите млади и ваши ученици

– Секогаш останете свои и борете се за што верувате, макар и да стоите сами. Integrity is all.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.