Интервју со Игор Илиески, еснаф човек со 33 годишно искуство како готвач и главен мајстор во најгурманското место во моментов во Прилеп

Игор Илиески од Прилеп е човек од гурманскиот еснаф во градот под Марковите Кули, вљубеник во професијата, кој веќе 33 години работи како готвач и исто толку години се грижи да им угоди на префинетиот вкус на своите сограѓани и гости во нашиот град. За него и неговите кулинарски способности, а богами и за задоволните гости кои ги имал низ годините, може да се пишува и раскажува со денови. Го краси трудољубивост, умешност и истанчен вкус за добра храна која секојдневно ја сервира на феноменален начин. Игорче сега работи во ресторанот Beer Ti & Ja, најгурманското место во моментов во Прилеп, кое се наоѓа на влезот во градот од страната на Скопје. Од ова место тој за многу кратко време направи број еден дестинација за вистинските гурмани и вљубеници во добрата храна. Во продолжение разговараме за неговиот работен век, за специјалитетите кои ги нуди ресторанот, како и за тоа како се одвивал кафанскиот живот порано и сега.

Колку време работите како професионален готвач и од како се роди љубовта кај вас кон оваа професија?

-Како готвач работам откако знам за себе, или од 16 годишна возраст. Веќе 33 години сум во оваа професија, а љубовта кон професијата ми ја вградија брат ми и братучедите, кои од мали нозе ме зедоја со нив. Во деведесетите години кога и јас започнав да работам, беше лесно да се научи да се работи, беше потребна само голема љубов, трудољубивост и упорност. Ако се направи една споредба тогаш со сега, во тоа време пресудно беше да се научи занаетот, затоа што пари немаше, беше кризно време, се наоколу пропаѓаше и бевме слабо платени. Денес пак е спротивно, пресудни се прво парите и секој млад човек прво прашува колку ќе биде платен, а потоа работата.

Кажете ни кое е вашето мислење, дали прилепчани важат за гурмани и познавачи на добра храна?

Важат и тоа како! Поготово кога станува збор за меленото место и плескавиците. Ако земете свинско како свинско месо е секаде речиси исто, телешко како телешко, исто така, но кога станува збор за меленото месо, oд прилепчани нема луѓе со поистанчен вкус и мирис луѓе, па токму и затоа на нашите сограѓани им е истенчен и префинет вкусот за скарата, а особено за плескавиците.

Низ годините сигурно сте имале интересни анегдоти и случки. Дали би сакале да споделите некоја таква интересна ситуација со нашите читатели?

-Aнегдоти и смешни ситуации низ годините имало стотици, како со персоналот со кој сум работел, така и со газдите и гостите. Буквално ќе треба да разговараме најмалку два дена за да ви ги доловам сите интересни ситуации кои сум ги доживеал во овие 33 години работно искуство.

Работите во едно од најгурманските места во моментов во Прилеп, ресторанот Beer Ti & Ja кај газда Бале. Во што се разликува ова место од мноштвото расторани и кафани во нашиот град?

-Па ова место е несвојствено, мало, но исполнето со еден поинаков дух, зрачи со посебна харизма, нешто што го нема во градов во моментов. Таквите мали ресторани и кафанџија веќе одамна ги нема, па токму затоа нашиот ресторан им е доста интересен и примамлив на луѓето. Покрај тоа нешто што го прави ресторанот примамлив е доволниот број на паркинг места. Ресторанот располага со голем плац за паркирање, што во ова модерно време кога секој вози автомобил, е навистина неопходно и голема предност. Исто така локацијата, ресторанот се наоѓа на самиот влез од градот од страната на Скопје, па постојано е на видик на сите оние кои го посетуваат нашиот град.

Што е специјалност на кујната во Beer Ti & Ja и во што особено уживате да приготвувате?

-Нешто со чиј вкус и квалитет сме особено горди и во што уживаме да приготвуваме се месната коленица, гулашот, ширденот и секако чорбите. Скарата како скара, секако е застатена и кај нас, како и во секој ресторан во Прилеп. Тоа го има секаде, се разликува само вкусот од место до место, но печена коленица, ширден и особено вкусни чорби ретко каде има. Тоа е она што можам да го издвојам како белег на ова гурманско место, специјалитети во кои гостите особено уживаат. Се разбира сето тоа оди со одлично сервирање и гарнирање и секако добра услуга.

За чорбите од вашата кујна се слуша надалеку. Прилепчани велат дека тенџерињата се празнат секое утро. Во што е тајната, зошто Beer Ti & Ja важи за така наречено нај “чорбаџиско” место во градот?

-Со еден збор кажано, затоа што чорбата е БЕСПРЕКОРНА. Користиме квалитетно свежо месо, со врвен квалитет, а не замрзнато како што се користи во некои други кујни низ градот. Ете затоа нашиот ресторан е полн со “чорбаџии” секое утро и секое утро тенџерињата ги празниме буквално до последна капка чорба.

Приготвувате и оригинален гулаш, па на смеа тие кои пробале велат дека ако некогаш започнеме конфликт со Унгарија, тоа ќе биде поради гулашот, кој кај вас е на рамниште на оригиналот од “Маџарска”. Што е потребно за еден добар гулаш, колку време се приготвува и како успевате да постигнете се’ и се пресно и навреме да им сервирате на гостите?

-Ха, ха, ха… Не сум бил во Унгарија и не знам каков е гулашот таму, ама за нашиот слободно ќе кажам дека е одличен. Повторно и тука е пресуден изборот на квалитетно месо, а за да се приготви овој специјалитет потребно е и до 6 часа. Гулашот можам да кажам дека го имаме редовно во понудата, секој ден и оние кои сакаат да пробаат не треба ниту да се најават, ниту да порачаат пред време…. гулаш има се додека не го снема :).

Во Прилеп секој гостин сака да проба прилепски ширден, но ретко каде го има и ретко каде се нуди. Дали во вашата кујна редовно е застапен овој специјалитет и кажете ни накратко што е потребно за еден одличен ширден?

-Кај нас ширденот како и другите специјалитети е постојано присутен во кујната и можам да речам дека го имаме на “лагер”. Тоа е белег на градот, по тоа Прилеп е познат низ целиот свет и еден прилепски ресторан треба постојано да го има овој деликатес и бренд на нашиот град. Како и за се’ претходно што кажав, и кај ширденот, пресудно за вкусот е да имате набавено квалитетно месо. Оригинал ширден се прави од свинско, говедско и јагнешко месо, но јагнешкото се помалку се користи во последно време, пред се затоа што ретко го има, а и цената е се повисока. Како и гулашот и ширденот покрај мајсторијата си сака и време за добро да се приготви. Месото е потребно да отстои во маринада, за добро да прими од сите зачини, па идеалното време за подготовка е околу 5-6 часа.

Колку е ценета готвачката професија во Македонија воопшто и дали може да се живее и да се заработи од оваа професија?

-Во последните години почна да се цени нашето работење и нашата професија и можам да кажам дека готвачите имаат солидна заработувачка за наши услови, со која секако може да се гледа семејство и веќе не мора да се оди на печалба по белиот свет. Моето мислење е дека голем број, особено млади луѓе, се залажуваат дека со оваа професија ќе заработат богатство во странство. Простор за напредок и заработувачка денеска има и кај нас, во нашиот град и во целата држава. Потребно е само да се покаже желба и љубов, па ќе дојдат и парите.

Ако не би биле готвач, што би работеле?

-Не знам, мислам дека не би се пронашол во друга професија.

За крај нам ни преостанува топло да ви го препорачаме ресторанот каде Илиески е шеф на кујна. Дојдете, уживајте во вкусната традиционална прилепска кујна. Почнете со утринска чорба, па како што велат прилепчани “се по ред”. НАЗДРАВЈЕ!

На влезот во Прилеп се наоѓа најмераклиското место: Еве зошто ресторан “Beer ti & ja” стана главна дестинација за сите гурмани и боеми (ФОТО ГАЛЕРИЈА)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.