Интервју со Ивана Ѓорѓиоска, разорното крило на ЖРК Прилеп

Ивана Ѓорѓиоска е уште еден од плеадата спортисти од плодната почва Прилеп, за која се надеваме дека и претстои блескава ракометна кариера. Со нејзините настапи за ЖРК Прилеп, Ивана плени со начинот на игра и пред се умешност во нападот. Активно ги полни противничките мрежи на сите натпревари и претставува лидер во играта на својот тим, за кој веруваме дека ќе го привлече вниманието на сите спортски работници во женскиот ракомет. Таа е доказ дека женскиот ракомет има што да понуди на подолг рок и дека постои иднина која треба да се искористи.

Здраво Ивана и добредојде на страниците на маркукуле.мк

Најпрво ти благодарам за прифатената покана да одговориш на нашите прашања и да дознаеме многу повеќе за тебе и твоите спортски успеси во ракометот.
Кога почна да се занимаваш со ракометот, како започна твојата спортска кариера, кој се твоите мотиватори, оние на кои им должиш за твојот напредок?

Здраво, најпрво и мене ми е мило што ќе споделам дел од моите спортски успеси во ракометот за вас. Со ракомет започнав да се занимавам од мојата осма година. Мои најголеми мотиватори се моето семејство, бидејќи без нив и нивната поддршка не би била она што сум сега. Оние на кои им должам најмногу за мојот напредок, се сите досегашни тренери што сум ги имала. Од сите нив научив што се е потребно за да се стане добар ракометар. Спортската кариера ми започна доста интересно. Мојата поголема сестра исто така се занимаваше со ракомет и јас присуствував на секој нејзин тренинг. Гледајќи ја нејзе, љубовта кон ракометот се повеќе растеше и така на мојата осма година започна мојата ракометна кариера.


Ти си новиот бомбардер на женската екипа на ракометниот клуб Прилеп, колку ти годи називот дека во тебе го гледаме нашиот Дибиров во женскиот ракомет?

Називот дека во мене го гледате нашиот Дибиров во женскиот ракомет, секако ми годи. Тој е голем играч од кој има што да се научи, игра со мозок и срце и се надевам дека некогаш ќе постигнам барем половина од неговиот успех.

ЖРК Прилеп е млада екипа, колку постои перспектива во клубот, колку истиот може да биде отскочна даска за млада ракометарка како тебе?

Точно ЖРК Прилеп е млада екипа. Се надевам дека нашиот спонзор Витаминка Прилеп нема да се откажи од нас, бидејќи во сите мои соиграчки пред се има еден позитивен дух и атмосвера за добра игра за успех, а пред се желба да се врати женскиот ракомет во Прилеп. Се надевам со мојата игра ќе придонесам за нашата екипа, а воедно некој ловец на млади таленти ќе ја забележи мојата игра.

Напредувате од натпревар во натпревар, направивте мала низа на победи, каква е атмосверата кај девојките од клубот, дали можеме да очекуваме многу повеќе од вас?

После неколкуте победи во нашиот клуб се врати самодовербата и желбата за повисок пласман на табелата. Јас се надевам дека со многу повеќе работа резултатот ќе си дојде сам по себе.

Дали веќе постојат и други клубови кои пројавуваат интерес да те ангажираат во нивните редови?

Да постојат и други клубови кои пројавуваат интерес да ме ангажираат во нивните редови. Интересот е зголемен, се јавуваат, прашуваат, но засега не планирам да го напуштам мојот клуб, а за понатаму ќе размислам.

Дали Ивана има добиено повик за женската ракометна репрезентација или пак веќе имаш забележано настапи за истата или можеби за помладите екипи?

За женската сениорска репрезентација немам добиено повик, но еве веќе 4 години сум во редовите на кадетската и младинската репрезентација.


Постои ли шанса за повторно издигнување на женскиот ракомет во нашата држава или моментално можеме да се задоволиме само со настапите на ЖРК Вардар?

Шанса секогаш постои, а исто така и доволен кадар, но најголем проблем со кој се соочува женскиот ракомет воопшто во нашата држава е спонзорството. Треба многу повеќе компании дел од своите средства да ги насочат на женските ракометни клубови, да има повеќе клубови и со самото тоа ќе постои поголем избор за составот на женската ракометна репрезентација.


Освен со ракомет ти се занимаваш и со моделство, како се снаоѓаш на ова поле?

Моделството ми е хоби, а ракометот секогаш во прв план

Ивана кој е патот до успехот според тебе, што се е потребно за еден млад спортист како тебе да се издигне и да биде лидер на својата позиција на теренот?

Патот до успехот бара пожртвуваност, дисциплина, многу труд, работа и пред се треба да го сакаш од срце ракометот, доколку сакаш да успееш.

Ивана ти поскауваме огромни успеси, се надеваме дека ќе ги достигнеш највисоките ѕвездени моменти во твојата кариера и дека ќе донесеш многу радост, како на градот од кој потекнуваш, така и на целата нација.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.