Интервју со Жарко Бошкоски: “Време е Прилеп да стане модерен, дигитален и чист град – со конкретни решенија, не со празни ветувања”

Жарко Бошкоски — име кое му е добро познато на секој прилепчанец. Човек со долгогодишно искуство во реалниот сектор, со богат интелектуален и професионален бекграунд, препознатлив по својот рационален пристап и модерно размислување. Како кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, поддржан од Коалицијата за успех предводена од ЛДП, ГРОМ, ИНТЕГРА и ПЦЕР, Бошкоски зборува за визијата за нов, современ и дигитален Прилеп. Во интервју разговор Бошкоски открива конкретни планови — дигитална администрација преку АИ Советник, мерни станици за воздухот, брзи решенија за јавната хигиена и стартaп хаб за младите. Неговиот став е јасен: „Ако сакаме различни резултати, мораме да направиме различни потези.“

Со енергија, знаење и верба во потенцијалот на градот, Бошкоски најавува ново време за Прилеп — град кој повторно ќе биде симбол на развој, чистота и иновација.

  1. Кој е Жарко Бошкоски и што ве поттикна да се вклучите во јавниот живот?

Јас сум Жарко Бошкоски, прилепчанец кој цел свој живот живее во Прилеп и работи во реалниот сектор.

Истовремено сум и човек кој верува дека Прилеп има огромен потенцијал — потенцијал што долго време не е искористен.. Животот во општината, предизвиците со воздухот, јавните услуги, инфраструктурата… се работи што ги гледаме сите секој ден, и знаеме дека е крајно време да се променат.

Јас сум човек кој трга од мотото дека ако сакаме различни резултати — мораме да направиме различни потези. Тоа ме поттикна да се вклучам во оваа трка, да понудам нешто различно од тоа што е понудено до сега.

  1. Доаѓате од реалниот сектор — како вашето досегашно искуство ќе влијае врз начинот на кој ќе управувате со градот?

Од финансиската индустрија како дел од сектор носам методи на работа што се ефикасни, брзи и базирани на резултати. Таму успехот зависи од планирање, одговорност, ефективно користење на ресурсите и постојано подобрување.

Како долгогодишен стопанственик и менаџер добро ја знам вредноста на секој вложен денар и секој час работа. А како градоначалник, ќе внесам таква култура и во Општината, која ќе биде место каде нема простор за одлагање, каде времето на граѓаните ќе се гледа како вреден ресурс. Како да е дел од реалниот сектор, Општина Прилеп ќе ги идентификува приоритетите, ќе ја мери како работата така и резултатите, транспарентно и со отчет.

Со примена на дигитални алатки, на системи како „АИ Агент“ за брза комуникација и јавни услуги, сакам администрацијата да стане сервис, а не пречка.

  1. Зошто решивте да се кандидирате за градоначалник на Прилеп? Што беше клучниот момент на одлука?

Прилеп е град кој веќе заостанува зад секој поголем град во Македонија. Прилеп беше град лидер, со развиена култура, спорт, живот, младост, но сега не е веќе така. Во оној момент кога тоа ќе си го признаеме сами на себе и ќе се соочиме со реалноста, ќе можеме да почнеме да го подобруваме Прилеп.

Клучниот момент беше кога сфатив дека чекорите што се преземаат денес не доведуваат до суштински промена за нашите сограѓани.

Тие продолжуваат да се соочуваат со исти проблеми: загадување, бавно решенија на комунални прашања, лош јавен транспорт, бавни административни процедури. Затоа, дел од нашите сограѓани не напуштаат или за во Скопје или за во странство, а со тоа потенцијалот на Прилеп уште повеќе се намалува.

Одлуката за кандидатура ја донесов затоа што сакам да внесам нови идеи, нова енергија, нови технологии—да ја забрзаме трансформацијата и да воспоставиме еден систем на функционирање.

Моите предлози и идеи се лесно остварливи и не претставуваат скапи капитални проекти, туку брзи решенија за подобрување на условите во градот.

  1. Ако бидете избран, кои ќе бидат вашите први три конкретни чекори во првите 100 дена?
  1. Лансирање на АИ Советник — да ги направиме сите општински услуги достапни онлајн, со лесен пристап, со следење на статусот на предметите, консултации, објективност и „без врски“.
  2. Поставување и активирање на 10 мерни станици за квалитет на воздухот и започнување на акциите за зелени површини — бидејќи тоа се дела што се видливи и кои ја подобруваат секојдневната околина на граѓаните многу брзо.
  3. Чистење на градот — почнувајќи од општинската зграда, ќе организираме целосно чистење со далеку поголема деталност и интензитет. Прилепчани за 30 дена ќе го видат Прилеп чист како никогаш претходно, а со тоа и ќе го поставиме долгорочниот стандард за чистота на градот кој ќе ме следи низ цел мандат.
  1. Кои се најголемите проблеми на Прилеп денес, и како конкретно ќе ги решавате?
  • Загадување на воздухот — почнуваме со мерење, ќе поставиме 10 нови мерни станици затоа што тоа што не го мериш, не можеш да го подобриш.
  • Неефикасна, бавна и непрозрачна администрација — затоа воведуваме АИ службеник.
  • Слаба инфраструктура за рекреација и спорт – особено во маалата — поради ова ќе се направи реконструкција на игралишта, изградба на нови спортски комплекси, уредувањето на кејот со атлетска патека и пешачки зони.
  • Недоволно искористен потенцијал на младите и претприемачите — Затоа ќе лансираме Стартап Хаб, Бизнис инкубатор, финансиска едукација, олеснет пристап до обуки, поттикнување идеи локално.
  • Проблеми со јавната хигиена и урбаната средина — за што решение се подземни контејнери, чистење и обнова на фасади, јавно осветлување кое се одржува, инфраструктурни решенија за урбани нестабилности.
  1. АИ службеник делува премногу неостварливо, сигурни сте дека ќе биде возможно тоа да се воспостави?

    АИ агент во служба на Општината е реално, економично (доста ефтино) и брзо остварливо решение! Не зборувам за „вселенски летала“ или „огромен капитален проект“, туку за имплементација на технологија која веќе постои!

„Интелигенцијата“ на системи како оние на ОпенАИ, Гугл, Антропик и др. овозможува да се користи нивниот систем преку API конекција, секако за надомест кој се пресметува во токени во зависност од обемот на употреба. Овој систем, би бил „трениран“ со официјалните процедури, регулативи, акти и подзаконски акти кои се применливи во најразлични процеси, вклучувајќи ги и тие за јавни набавки или јавни конкурси (context-trained using RAG – Retrieval Augmented Generation).

Сега, замислете имаме оглас за вработување на наставник во основно училиште и добиваме 10 апликации. Врз основа на критериумите на огласот, ВИ многу лесно и без притисоци, ургенции или субјективност ќе ни посочи кој е најдобриот кандидат.

– Не дека до сега не знаевме ние тоа да го утврдиме, но доколку бидам Градоначалник, ќе барам секоја одлука на именувано лице од моја страна, да е поткрепена со ваква препорака од ВИ. Само така ќе знам дека бил избран најдобриот кандидат или пак оператор за определена јавна набавка.

Вакви автоматизирани одлучувања се применуваат веќе во многу фирми низ светот, а определени државни органи и влади веќе размислуваат за имплементација или веќе имплементираат ВИ.

  1. Како ќе го вклучите младото поколение и дијаспората во развојот на градот?
  • Преку програми и иницијативи како Стартап Хаб Прилеп и Бизнис Инкубатор, каде младите ќе можат да развиваат идеи, да добиваат менторство, финансиска поддршка и ресурси.
  • Бесплатна финансиска едукација — да им се овозможи на младите да разберат како да управуваат со пари, како да инвестираат, како да започнат сопствен бизнис.
  • Активно да ги вклучам дијаспората преку проекти како национални roadshow-и и инвестициски пакети, да гледаме на дијаспората како партнер кој може да придонесе со идеи, знаење или инвестиции.
  • Поддршка за култура, спорт и јавни простори кои ги интересираат младите — модерни игралишта, настани, креативни простори, фестивали, култура на отворено, театар, уметност.
  1. На крај, која е вашата визија за Прилеп по четири години под ваше водство?

По четири години, Прилеп ќе биде град што ги живее предностите на современата, еколошка, дигитална општина. Граѓаните ќе можат да дишат почист воздух, да се движат лесно и удобно, да користат јавни услуги преку со помош на најнови технологии, да увидат дека нивниот глас вреди, дека градот се грижи за сите — млади, стари, семејства и сите оние со секакви потреби.

Град кој не е „назад“, туку лидер во регионот — привлечен за инвеститори, каде етиката, транспарентноста и иновацијата се норма, не исклучок. Прилеп ќе биде место каде што младите ќе сакаат да останат и да работат, не да заминат, бидејќи ги има условите, можностите, перспективата.

Не можеме да очекуваме промени и подобро од ова, доколку секогаш се однесуваме исто на денот на изборите!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.