НАЦИОНАЛНАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРЕСТИЖНИ АКАДЕМСКИ ГРАЃАНИ е првата асоцијација во Македонија кој има за цел да ги промовира и вмрежи најуспешните студенти од сите професии и универзитети и да им помогне да го искористат во целост својот потенцијал преку развојот на креативноста, иновативноста и претприемачките вештини.
Ексклузивно за маркукуле.мк разговараме со д-р Виктор Ѓорѓиески – претседател на НАПАГ.
Добродојдовте на нашиот портал !
Што Ве поттикна да основате асоцијација од овој тип во нашата држава?
Два моменти беа пресудни при раѓањето на идејата за формирање на НАПАГ. Прво, за време на моите студии во САД, ја имав таа привилегија да членувам во една престижна Асоцијација од овој тип. Тоа, во голема мера го збогати моето CV и ми помогна многу во развојот на професионалната кариера веднаш по дипломирањето, како на пример да бидам дел од првата генерација во Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, да ја извршувам позицијата на економски промотор во Њу Јорк итн. Мотивот за пренесување на овие позитивни искуства и во Р.Македонија беше клучен, но не и единствен за основањето на оваа Асоцијација. Имено, покрај престижот и признанието за досегашните академски постигнувања, заедно со потпретседателот Д-р Игор Андреев ја почуствувавме потребата, дека токму сега е моментот да се собере на едно место квалитетниот интелектуален капитал со кој располага Р.Македонија. Најдобрите македонски студенти од сите професии, според нас, имаат огромни развојни потенцијали, но за истите да бидат во целост искористени потребно е тие да се надградат со една нова креативна и претприемачка енергија, што всушност ја претставува и мисијата на НАПАГ.
Колку членови брои НАПАГ и како студентите може да пристапат односно да се зачленат во асоцијацијата?
Во моментот НАПАГ има околу 200 активни членови. За членство во НАПАГ можат да аплицираат студентите од прв, втор и трет циклус студии на сите факултети во Република Македонија кои ги исполнуваат следниве два услови: (1) имаат просек над 8.50, и (2) имаат комплетирано најмалку два семестари од нивните студии. Тоа можат да го направат преку официјалната веб страна www.napag.mk, официјалниот FB профил или со испраќање на емаил на [email protected].
Дали студентите се заинтересирани да бидат дел од НАПАГ. Колку сте задоволни од соработката со Студентските Парламенти со кои имате склучено меморандуми за соработка?
Еден од првите чекори во градењето на асоцијацијата беше токму вмрежувањето со студентските парламенти, кои се комплементарни организации на нашата. Имено, до денес, имаме потпишано меморандуми за соработка со студентските парламенти од сите државни и приватни универзитети во Република Македонија (со исклучок на универзитетот МИТ), така што иако сеуште не сме имале некоја позначајна соработка, задоволни сме од поддршката која што ја добивме од нивна страна при градењето на мрежата студенти на НАПАГ, при што особено би ја истакнал соработката со студентскиот парламент при УКЛО. Инаку, заинтересираноста на студентите за членство во НАПАГ, особено се зголеми откако започна реализацијата на тримесечните сертифицирани академии Life Tools Academy, за кои имаше голем одзив, со оглед на огромното задоволство на селектираните учесници.
Кои активности/проекти ги реализиравте во изминатиот период?
За да ја изградиме мрежата од преку 200 членови, 9 почесни членови, 15 студентски организации од Македонија и 5 студентски организации од Косово, 21 компании -„креатори на сонот“, како и 18 други компании – партнери, во изминатите две години реализиравме голем број на активности кои ќе морам да ги набројам:
- 4 свечени настани за доделување сертификати за членство во НАПАГ
- 4 тримесечни сертифицирани академии Life Tools Academy, со групи од по 10 најуспешни студенти од разни струки
- 5 свечени настани за доделување ваучери за посета на академиите
- 1 свечен настан за доделување ваучер за покривање на трошоците за Work&Travel програмата во САД
- Добиена награда за за Најуспешна иновативна платформа за социјално претприемништво во Битола
- Членство во Советот на Европа
- Добиена регионална лиценца за спроведување на официјалното меѓународно истражување на STUBRAND
- 8 изданија на весникот Напагник, од кои пет на македонски јазик, две на албански и едно на англиски
- околу 10 медиумски гостувања и околу 10 објавени статии и колумни
- преку 30 објавени интервјуа со успешни претприемачи, научници и уметници
Секако дека имаше и многу други настани кои не ги споменав, меѓутоа од сето ова можете лесно да заклучите дека ние веруваме во мисијата на НАПАГ и напорно работиме на нејзината реализација.
Како што напоменавте голем број на успешни компании и институции овозможија македонските студенти да посетуваат обуки организирани од Ваша страна? Колку компаниите и институциите во нашата држава се спремни за соработка и да инвестираат во младите?
Морам да бидам искрен, ние сме презадоволни од досегашната соработка со компаниите и личностите кои преку стипендирање на тримесечните сертифицирани академии Life Tools Academy, препознаа можност да им помогнат на најуспешните студенти да се стекнат со неопходните практични вештини од областите на креативноста, иновативноста и интрапретприемништвото. Сепак, и покрај позитивните искуства со нашите донатори, со оглед на фактот што НАПАГ е еден од првите примери на социјално претприемништво во Р.Македонија, можам да кажам дека свеста за овој вид поддршка на младите сеуште не е на потребното ниво бидејќи голем дел од македонските претприемачи не ја препознаваат доволно потребата за вложување во најдобрите студенти кои во иднина се и нивни потенцијални вработени. Всушност, со жалење ќе констатирам дека значителен е бројот на оние кои не успеваат да разберат дека со „одливот на мозоци“ се намалува и бројот на квалитетни човечки ресурси во Р.Македонија, а негативните ефекти од тоа, покрај целото општество, во иднина најмногу ќе се одрази токму врз растот и развојот на нивните компании. Затоа, една од најзначајните работи со кои ние од НАПАГ се боревме во изминатиот период беше и сеуште е токму подигање на свеста кај сопствениците и менаџерите на компаниите за значењето на вложувањето во развојот и задржувањето на квалитетните и креативни човечки ресурси.
Кои се Вашите тековни активности?
Моментално НАПАГ е фокусиран на градење на својата интернационална мрежа и се шири на пазарите во Косово и Албанија.
Што можат да очекуваат студентите во иднина од НАПАГ?
Како и до сега, НАПАГ и во иднина ќе претставува мост помеѓу студентите и компаниите и ќе им помага на најуспешните студенти полесно да дојдат до посакуваното работно место и да си и реализираат своите лични и кариерни цели. На студентите можеме да им ветиме дека и во иднина НАПАГ ќе биде симбол на квалитетни и креативни човечки ресурси, а нивното членство во Асоцијацијата ќе додава голема вредност во нивното CV.
Ваша порака за студентите, за младите луѓе кои се иднината на нашата држава?
Правете го тоа што ве прави среќни до онаа граница додека не повредите некого.
Ви благодариме на одвоеното време !