Интервју со Гоце и Горде од Прилеп – музичко дуо кое цели 17 години прави незаборавни забави

Гоце и Горде Стојкоски се “виновниците” за едни од најдобрите забави во Прилеп. Цели 20 години се заедно, а музицираат 17 години. Тие се прекрасен музички спој кој функционира беспрекорно, со бесконечен музички репретоар и секогаш на ниво на задачата – да направат прекрасна забава и да остават одличен впечаток. Разговаравме со Гоце и Горде за нивната кариера, нивниот заеднички живот, за музиката…. Проследете го разговорот во продолжение.

Прилепчани Ве знаат по незаборавните прослави и забави на кои уживале со вашата изведба, кажете ни како дојде до овој музички спој, како Горде и Гоце за прв пат се сретнаа, а потоа и заедно запловија во брачните и музичките води?

-Првиот спој ни беше во еден од прилепските локали, а нешто што најмногу го сакавме и не поврзуваше беше музиката, па така може да се каже дека музиката не спои. После неколку години музицирање запливавме и во брачните води, а пред шест години го добивме и нашиот трет член во семејството, нашиот син Филип.

Колку време сте заедно и што друго работите освен што правите незаборавни прослави?

-Ние сме заедно дваесет години, оваа 2020 ни е јубилејна година, а со музиката седумнаесет години функционираме беспрекорно. Освен што се занимаваме со музика, Гоце е дипломиран музичар, теоретичар и педагог на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, отсек – музичка теорија и педагогија, вработен како наставник по Музичко образование во ООУ„Добре Јованоски“ – Прилеп. Горде е дипломиран дефектолог на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, институт за дефектологија, вработена како дефектолог (специјален едукатор) во СОЕПТУ„Кузман Јосифоски – Питу“ – Прилеп.

Каде најчесто настапувате, како може да се дојде до Вас и дали имате настапи и надвор од Прилеп?

-Во последно време најчесто настапуваме низ локалите во Прилеп, а имаме често настапи и надвор од Прилеп. На самите почетоци настапувавме во Црна Гора, поточно во Будва, од каде имавме прекрасно медитеранско искуство. Неколку години во летните периоди настапувавме и во Охрид, а имаме настапувано скоро во сите градови низ Република Македонија. До нас може да се дојде најчесто преку нашата публика, прилепските угостители, преку рекламите на социјалните мрежи и сл.

Вашиот репертоар на музика е бесконечен, но кога би бирале што најмногу би сакале да свирите?

-Да, се разбира, нашиот репертоар може да се каже дека е бесконечен, иако човекот учи се додека е жив… но кога би имале можност да бираме, ја обожаваме забавната македонска музика како и екс-ју хитовите.

Дали планирате некој сопствен музички продукт за во иднина?

-Хахаха… да се разбира, да го приклучиме и нашиот син Филип кој обожава да свири гитара. Инаку што се однесува до музичкиот продукт, веќе имаме една наша песна која се вика „Во име на љубовта“ која за прв пат беше промовирана и изведена на фестивалот „Евро Фест“ во Скопје. Но, со оглед на тоа дека и двајцата сме просветни работници, а викендите ни се исполнети со настапи, така и немаме многу време за снимања на нови песни. Сето тоа си бара многу време и посветеност за да биде скоцкано онака како што треба да изгледа.

Што најчесто бараат прилепчани на своите веселби, дали македонската музика има предност, или уживаат во секаква музика?

-Прилепчани пред се’ се највеселиот народ, знаат да се веселат на секаков вид на музика, но некако во последно време најдобро уживаат во македоската музика.

Според вас, дали Прилеп е богат со музички таленти и колку е лесно или тешко да се успее, да се биде баран и постојано да се настапува?

-Прилеп искрено е богат со многу таленти, конкуренцијата е многу голема, но успешноста е во тоа да се успее во конкуренцијата. Нашата музика е малку поинаква од онаа стандарната по начинот на кој ја изведуваме, можеби и затоа по тоа сме препознатливи и успешни. Гостите уживаат да слушаат музика но и по малку да си помуабетат.

Познато е дека музичарите се сведоци на голем број згоди и незгоди на семејните прослави и настапите по рестораните и локалите. Дали сте биле сведоци на некоја интересна или смешна ситуација која би сакале да ја споделите со нашите читатели?

-Во овие 17 години музицирање, секако дека сме имале позитивни интерсни моменти, но никогаш не дошло до некои незгоди. Знаеме да комуницираме со публиката, а и публиката не’ знае нас, така да досега сме немале негативно искуство. А секако дека имало многу смешни ситуации.

За крај, што претставува музиката за Вас, дали само дополнителен извор на заработувачка или нешто повеќе?

-За нас музиката пред се претставува задоволство, а потоа се разбира и дополнителен извор на заработувачка, односно заработуваме со задоволство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.