Интервју со Александра Стојаноска – тренер по естетска гимнастика на клубот “Авантгард” од Прилеп

Александра Стојаноска е дипломиран професор по физичка култура и поранешна долгогодишна натпреварувачка во клубот за спортска гимнастика “Партизан”. Од пред три години таа го предводи клубот за естетска гимнастика “АВАНТГАРД”, клуб кој успешно напредува и го промовира овој уникатен спорт и во нашиот град. Тренинзите се одржуваат во спортската сала на ООУ “Гоце Делчев” и се три пати неделно. Клубот брои околу 30тина деца, а интересот е се поголем. Александра ни раскажа за досегашните натпревари, за што моментално се подготвуваат и што точно значи естетската гимнастика.

Koи се досегашните позначајни успеси на клубот?

“Во 2016 година во месец април, децата за прв пат се претставија во Софија на интернационален куп, што беше отскочна даска за нив и мотивација за понатаму. На овој куп се натпреваруваа во конкуренција на 7 држави, а ги оценуваа високо квалитетни тренери и судии од европски ранг. Веднаш потоа следуваше натпреварот на интернационално ниво во Босна и Херцеговина, каде во Сараево на турнирот “Севалја Мујиќ” освоивме трето место во конкуренција од 8-10 години во екипна категорија, додека пак Јана Димоска освои второ место со индивидуална вежба.

Како успевате да се справите со трошоците за патување, престој и слично?

“За овие натпревари ни помогнаа повеќе фирми како Витаминка, Алекс, БМ Оил, Матадор, и општините Прилеп и Долнени, од каде добивме помош за пат, храна, опрема, сместување и слично…”

За што се подготвувате во моментов?

“За нас огромен императив е натпреварот на 12 април, насловен како “Queen of Aida” кој ќе се одржи во Хасково, Бугарија. Се очекува голема конкуренција од повеќе од 7 држави. Имаме напорни тренинзи, а ќе се претставиме со една екипна вежба од естетска дисциплина и 4 индивидуални во категорија на ритмичка гимнастика без реквизит”

Што подразбира естетската гимнастика и од кога се занимавате со оваа дисциплина?

“Со дисциплината естетска гимнастика започнав да се занимавам за време на моите студентски денови, каде работев во два клубови. Во Благоевград посетував семинари и курсеви за судии и тренери, па целта ми беше да го донесам овој спорт и во нашиот град. Прилеп е единствен што ја имаа оваа исклучиво женска дисциплина, а интересот е голем. Естетската гимнастика е спорт кој се работи во тим и има за цел да се промовира здрав и физички развој на девојки преку хармонично движење. Естетската гимнастика е во категоријата и од истата гранка на ритмичката гимнастика, само што во ритмичката гимнастика се користат реквизити како јаже, топка, чучњеви и хулахоп, а во естетската единствен реквизит или уред е телото. Во естетската гимнастика застапени и главни елементи се пируета, скокови, движењата со рамнотежа… Има различни брановидни движења, вибрации и контракции, кои што можат да се спроведат поединечно или во група”.

Која е вашата цел за во иднина?

“Нашата цел е да влеземе во Меѓународната федерација, да имаме наша државна федерација и да го развиваме овој спорт уште повеќе во нашата земја”.

За сите заинтересирани кои сакаат да ја контактираат Александра, тоа можат да го сторат на следниот телефонски број: 071317907




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.