ИЛИНКА МИТРЕВА ПРОТИВ ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА МЕНУВАЊЕ НА ИМЕТО: Не смее да се прифати ерга омнес и промена на Уставот

Воопшто не е лесно од таква стартна позиција, да кажам од урнатини, да се стигне до една ситуација, која што Заев вчера ја обелодени, дека има заемно прифатлива опција, но мене ми е жал што многу напори паднаа во вода заради еден каприц, во кој што една политичка гарнитура реши да прави нов идентитет за една земја која има свој идентитет.

Ова вчера во интервју за „Само вистина“ го изјави поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева.

– Тврдам дека имавме одличен инструмент, двојната формула, на која ѝ кажавме збогум и која се чини толку далеку сега – изјави Митрева, додавајќи дека поради поранешната власт, преговорите се вратија назад и дека оваа Влада имаше многу лоша стартна позиција.

Според Митрева, без разлика какво име ќе биде договорено, доколку не се смени и Уставот, договорот за Грција нема да важи, затоа што тоа се класичните црвени линии за Грција.

– Јас не знам кои се црвените линии на нашите преговарачи, но знам кои се моите. Моите црвени линии се дека не смее да има промена на Уставот и дека не смее да има прифаќање на принципот ерга омнес. Мора да се зачува достоинството на овој народ, на нацијата и на јазикот. Многу е значајно да се најде решение, коешто нема да предизвикува фрустрации кај македонските граѓани – изјави Митрева.

Извор: infomax.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.