Во центарот на Прилеп започна изградбата на новиот кружен тек.
Тендерот за овој зафат e тежок вкупно 5,4 милиони денари, a го доби фирмата “ИЗОФАС” увоз-извоз ДОО Прилеп. Предвидено е работите да се завршат во рок од 4 месеци, па прилепчани би требало пролетва да ја дочекаат со нов петти кружен тек.
За изведбата на овој проект, градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески на Фејсбук напиша:
“Во централното градско подрачје потребен ни е слободен и брз проток на сообрајќајот. Особено на оваа раскрсница кај Центарот за култура Марко Цепенков, што во моментов претставува „тесно грло“ и често сме сведоци на огромни колони, сообрајќаен метеж и нефункционалност на вертикалната сигнализација.
Со овој кружен тек го продолжуваме таканаречениот отворен сообрајќај, низ центарот на градот и го ослободуваме и забрзуваме протокот на движење на сите учесници во сообрајќајот.
За имплементација на целосен систем на отворен сообрајќај во нашиот град, што е докажано, дека е најекономичен и озвозможува најголем проток на возила, ни остануваат уште неколку тесни грла во сообрајќајот, тоа се вкрстувањата на: бул. Гоце Делчев со улица Војводинска (раскрсница кај нова автобуска), бул. Гоце Делчев со улица Прилепски Бранители (раскрсница кај градска) и вкрстувањето на улица Александар Македонски со улица Димо Наредникот (раскрсницата кај населбата Димо Наредникот)”.