На 22 август 2025 / петок/ од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Уметничкиот сон“ од уметникот Методи Исков, што е дел од програмата од областа на визуелни уметности за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
Изложбата „Уметничкиот сон“ е посветена на истражувањето на сонот како симбол, инспирација и креативен импулс во уметноста. Секое уметничко дело, пред да се појави во материјална форма, започнува како визија, како интимен миг на замисла или сон што го носи авторот. Токму тој процес – од замисла до реализација – е централната тема на оваа поставка. Во рамките на изложбата се претставени дела од различни жанрови и техники: сликарство, графика, цртеж, скулптура, како и современи визуелни практики.
Оваа разновидност не само што ја прикажува богатата палета на индивидуални пристапи и изрази, туку создава и еден поширок контекст во кој посетителот може да се соочи со повеќе перспективи на сонувањето и креативното толкување на реалноста. Овој проект ја нагласува и важноста на културните институции и стопанскиот сектор во заедничката мисија за поддршка и афирмација на уметноста. Изложбата се реализира во Галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка на компанијата Comfy Angel, чија соработка претставува значаен придонес во зајакнувањето на културниот живот во заедницата. Со „Уметничкиот сон“, публиката е поканета да влезе во светот на имагинацијата, да ги истражи сопствените соништа преку делата на авторите и да открие нови можности за разбирање на уметноста како универзален јазик што нè поврзува сите.
За уметникот:
Методи Исков е роден на 24.05.1990 година во Штип. 2009 година завршува Гимназија во Прилеп, јазично – уметничко подрачје. Во 2014 година дипломира наФакултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел од неговото работно искуство е изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на град Скопје,учевство при изработка на палета мозаици, од кои можат да се истакнат мозаиците во Црквата Св.”Констанин и Елена” – Скопје, мозаик поставен вo базиликата на Св. “Благовештение” во Незарет – Израел со ликот на “Пресвета Богородица”, мозаиците на Црквата Св. “Петка” – Прилеп, итн.
Повеќе мурали во градот Прилеп, од кои може да се истакне муралот во Градската Библиотека “Борка Талески” – Прилеп, уметничко уредување на Етно Крушево и многу други.
Учевствувал на повеќе групни изложби во Македонија и досега реализирал две самостојни изложби со наслов “Празна галерија” во 2018 година, “Празна галерија – ново поглавје” 2022 година.
Од групните изложби може да се истакне Биенале на млади уметници 2021 година кое се одржа во Музеј на современата уметност Скопје.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп од 2011 година, кога во 2020 година станува претседател на ДЛУП.
Моментално живее и работи во Прилеп како наставник за ликовна уметност.