Изложбата ,, Состојби,, од Славица Јанешлиева – Бачварска пред прилепчани

img_4725

Во петок 16 декември 2016 во 19.00 часот во ликовната галерија од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложбата ,, Состојби,, од Славица Јанешлиева – Бачварска.

 За изложбата

Текст од Маја Чанкуловска-Михајловска

 Во сликата постојано продираат знаковни системи на ист начин како што човекот до длабочините на својата личност е артикулиран во различни јазици.

Р. Барт, Реторика на Сликата

На рамниште на визуелната презентација, најновата изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“ следи како продолжение на нејзините претходни реализа­ции со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум. Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секој­дневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препо­знатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење.

Со презентираните објекти, кои се доживуваат како сериозно осмислени визуелни конструкции, следејќи ја Бартовата семиотичка синтагма „the image is representation“, авторката генерира системи на значења со универзален, а не само со локален контекст. Исчитувањето на условената нарација на делата од дадената поставка не е условено од хронолошки редослед; основна е сликата за состојбите што го креираат секојдневното (не)функционирање на општество­то, пренесена од авторката преку објектите-означувачи со репрезентациска моќ, кои се во корелација со различни контроверзни појави од човековото опкружување.

Логично се присутни јасно диференцирани авторски стојалишта, од кои во дадениот случај би ги издвоиле/потенцирале: ставовите кон горливи теми про­излезени од контекстот на општите приказни наспроти интимните психолошки дијалози; чувството за поврзаност и условеност на нештата во поширок контекст; дијалектичкиот односот на делот и целината, афтореферен­цијалноста, личните и општи приказни, меморијата и сегашноста, реалноста и метафорите – сето тоа прецизно сецирано и моделирано во сопствените спротивставености со помош на нарацијата како структура што ги поврзува. „Материјализирани“ елементи со симболично значење што ги среќаваме во континуитет во ова творештво се огле­далата, текстот, везот, перниците, шахот, лажиците, додека текстуалната нарација ја провоцира публиката на раз­мислување и иницирање дијалог. Техничката извед­ба е резултат на долготраен процес во кој се вткаени мануелна изведба, енергија, емоции и различни расположенија. Користејќи предмети што имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со нагласени интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки кои рефлекти­раат кризи од различен вид и се можност за поврзување на сопственото и туѓото доживување.

Делата се концепциски структурирани на ниво на повеќе внимателно селек­тирани симболични елементи со мноштво генерирани интеррелациски значења. Во „Имигрант или емигрант или можеби јас“, низ долготрајниот и мачен процес на изработка (најсилна аналогија може да се воспостави со претходното дело „Крик“), рачно се сошиени 2700 патенти и се аплицирани 11 килограми бонбони од фабриката за слатки „Европа“, коментарот еманира од мачното патешествие за подобар живот во кој се измешани чувствата и трауматичните искушенија. Во „Пренаселеност“ среќаваме еден од омилените предмети на авторката – шахот како стратегиска и тактичка игра (каква што е и светската политика), која бара соодветно ниво на перцепција и е чиста визуелизација на значаен глобален про­блем. Огледалата повторно се присутни во „Трите страни на приказната“ и суге­рираат огледување, преиспитување, рефлектирање на „вистината“ и на последи­ците од перцепциите, однесувањата и размислувањата. „Високо образование“ е директна симболична визуели­зација за еден локален, но и глобален проблем на неселективност во високообразовните институции, додека „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“ претставува метафора за искажување незадо­волство и претстава за луѓето што бегаат и се во потрага за подобар живот (спо­ред авторката шаторот е најчесто среќаваниот објект во изминативе години и е симбол на дадениот период). „Лов од заседа“ поттикнува повеќеслојна анализа на наметнатите стереотипи на женскоста во присутните квазитрадиционални па­тријархални норми.

Споменатата контроверзност како термин претставува означител на нешто што е спорно, дискутабилно, но на универзално ниво го губи основното значење токму поради агресивната леснотија со која се наметнати состојбите за кои го­вори авторката и нивната ноншалантна прифатеност како нормални секојдневни појави, најконформистички игнорирани. Изложбата „Состојби“ е материјализира­на ангажирана критика на секое поле на современиот живот – падот на морал­ните вредности, економската експлоатација што генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните про­блеми, културно про­паѓање со сите придружни морални дилеми и агонија на постоењето. Генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврду­вање на позицијата на Славица Јанешлиева во совреме­ната македонска уметнич­ка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критички­те модели на стварноста.

img_4739

Биографија

Славица ЈАНЕШЛИЕВА – БАЧВАРСКА

1973, родена во Скопје.

1996, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. Зоран Јакимовски.

1998, магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. Димитар Малиданов.

Од 2000 – 2006 работи како самостоен ликовен уметник.

Од 2006 работи како доцент на Студиска програма по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2011 избрана е во звањето вонреден професор, а во 2016 во звањето редовен професор.

Од 2008-2010 продекан на ФЛУ.

Селектирани самостојни изложби (од вкупно 25): 2016 Состојби, Мала Станица, НГМ, Скопје; 2012 – Впечатоци, Мала Станица, НГМ, Скопје; 2011 Сенки, Галерија МЦ, Њујорк; 2009 Филантропски пориви 1 & 2, Музеј на град Скопје, Скопје; 2007 Калемење, Мала станица, НГМ, Скопје; 2006 – Културен центар „Babel“, Утрехт, Холандија; 2005 Приказни, Галерија МЦ, Њујорк; 2004 Наративи и симболи, Чифте амам, НГМ, Скопје; 2002 Крик, Музеј на современа уметност, Скопје; 2001 Сеќавање на еден идеалист, Галерија „степен“, Скопје; Раскажување приказни и видео перформансот Сите мои велосипеди, Галерија „Open”, Братислава, Словачка; 2000 Раскажување приказни, Капела на Kunstlerhaus Boswil, Швајцарија; 1999 Небомантија, CIX Галерија, Скопје; 1998 Писма, Отворено графичко студио, МГС, Скопје

Групни изложби: Учествувала во над 200 национални и меѓународни групни изложби меѓу кои: 2016 Меѓународно биенале на графика РОС 2016, Национален музеј, Тајван; 2015 Есенција на егзистенција, Галерија „Лауба“, Загреб; 18-то Меѓународно графичко биенале, Градска галерија „Борис Георгиев“ , Варна, Бугарија; 2014 2-ро Меѓународно триенале на графика – УЛУС, Уметнички павиљон „Цвјета Зузориќ“, Белград; 15-то триенале на мали графички форми, Градска галерија, Лоџ, Полска; Солидарноста – недовршен проект, Постојана поставка, МСУ, Скопје; 2013 XI Меѓународно графичко биенале на сува игла, Градска галерија Ужице, Србија; Будење – 46-ти Зимски салон, Музеј и Уметничка галерија „Јосип-Бепо Бенковиќ“,Херцег Нови, Црна Гора; 2012 Интерурбан, Галерија Кара, Анкара, Турција; 2011 Фрагменти (Македонска ликовна сцена 1991-2011), МСУ, Скопје; 2010 15-то Меѓународно биенале на минијатура на хартија, Музеј на минијатури, Белгија; 2009 6-то Меѓународно триенале на графика, Градски завод и музеј, Битола; 2007 Фестивал на современа уметност, Варна, Бугарија; 2006 Уметникот во разговор, Кампанагел, Хамбург, Германија; Глобална фузија-одблизу, Палата Порша, Виена; Туѓо тело, Уметнички центар Кројцберг/Бетаниен, Берлин; 2005 Интернационално триенале на минијатура, Универзитет Тама Арт, Токио, Јапан; 2004 Космополис 1 микрокосмос – макрокосмос, Музеј на современа уметност, Солун, Грција; 4-то Интернационално графичко биенале, Национална галерија, Софија, Бугарија; Инернационално графичко триенале во Фалун – Графики од Балканот 2004, Музеј Даларнас, Фалун, Шведска; 2003 – Второ Меѓународно биенале на минијатурна графика, Галерија Арабати Баба, Тетово; 7-мо Интернационално биенале на цртеж и графика – Мајстори на графиката, Музеј на уметностите, Гиор, Унгарија; 6-то Светско триенале на графики мал формат, Шамалје, Франција; Дијалози-македонската уметност денес, Министерство на култура, Рим и Унеско, Париз; 2002 Bound/less Boarders, прв вон галериски проект на Балканот (турнеја 2002/2003), Белград; Врски, Креативна графика, 10-то Интернационално графичко триенале, Музеј на градот Јуваскула, Финска; 2001 Лаф муабет, Музеј на современа уметност, Скопје; Совршен избор, изложба на јавни уметнички проекти, Градски трговски центар, Скопје; 2000 Комуникација. Искуство на интеракцијата., Бизнис центар на Алмати, Казахстан; 1-рв Cheju Меѓународен Арт фестивал на графика, Sogwipo Kidang галерија, Сеул, Кореа; Artist(s) in Residence (учество во проектот на Лучезар Бојаџиев), L’autre moitie de l’Europe, 2 дел: Social reality, Existence, Politics, Jeu de Paume, Париз; 1999 MATRIX, Trieste Contemporanea, Трст, Италија; 12-та Германска меѓународна изложба на графика, Сала на градот, Фрехен, Германија и други.

Награди: 2016 – Финалист, Меѓународна биенална изложба на графика, Таичунг, Тајван; 2015 – Награда „Константин Мазев“, Мал формат, КИЦ, Скопје, Награда за графика „Димче Николов“, Годишна изложба на ДЛУМ, Скопје; 2007 – Откупна награда „Телма”, 37-ма графичка изложбан на ДЛУМ, Скопје; 2004 – Откупна награда од НУБ, 35-та графичка изложба на ДЛУМ, Скопје; 2003 – Награда Атанас Мучев, за најуспешен автор-дело на Избор 2002; АИКА, Струмица; Награда Денес, Центар за современи уметности и Фондација за граѓанско општество – Њујорк, Скопје; 2001 – Прва награда, 1-во Интернационално триенале на мала графика, Тетово; Grand Prix, 5-то Биенале на младите уметници, МСУ, Скопје; 2000 – Откупна и специјална награда за дело на млад македонски уметник, 3-то Интернационално графичко триенале, Битола; Скопје, Откупна награда од фондацијата Ратко Несторовски – Кинес, Ревијална изложба на ДЛУМ, МГС, Скопје; 1998 – Награда од НУБ, 28 графичка изложба на ДЛУМ, Скопје; 1997 – II награда, СИАБ’ 97, Скопје

Откупени дела за колекции: Музеј на современата уметност, Скопје; Национална галерија на Македонија, Скопје; Музеј на градот Јуваскула, Финска; Светска Банка, Вашингтон, САД; НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје

Резиденции: 2003     – Њујорк, САД, International House – Columbia University Campus и Фондација Цивилно општество Њујорк; 2000 – Париз, Франција, Jeu de Paume, проект на Лучезар Бојаџиев (Pro Helvetia и APEX грантови); Босвил, Швајцарија, Artists’ House Fondation (стипендија од Pro Helvetia)

img_4751




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.