На 14.03.2025 /петок/ од 18.30 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Мотиви од Хераклеја“ од битолскиот уметник Панде Петровски. Со изложбата Центарот ја започнува реализацијата на годишната, обемна програма од областа на визуелните уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата
„Во сите слики се наѕира филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиознто промислување на композициската целина но и на поединечните целини во самата слика ако се набљудуваат само делови од истата. Од нив блика еден тивок, но длабок изблик на емоциите историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но сега на платно, да прозборат паметниците, мермерот, исклесаните букви на тој мермер, да прозборат елените и рајските птици од мозаикот… Во античката цивилизација и култура се бара есенцијалното на универзумот, духот на совршенството, сакајќи, притоа, на платно да ја прикаже спиритуалната магичност, на Хераклеја, на овој мотив многу присутен, а истовремено и многу отсутен во делата на современите ликовни творци.
Овие слики на Панде Петровски полни се со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и одсјај од минатото, слики кои побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи. Слики со автентичен порив исполнети со лирска имагинација и сензибилитет, слики кои ќе останат како препознатлив дел од творештвото на овој битолски ликовен креативец и неговиот комплетен ликовен израз.“ Панде Манојлов
Податоци за уметникот Панде Петровски
Роден е на 25.09.1939 година во Брусник, Битола. 1963 година завршува Педагошка академија ( ликовна насока ) – Скопје, со студиски престој во Италија.
Сликарство учел од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман.
Член е на ДЛУБ ( Друштво на ликовните уметници на Битола ), ДЛУМ ( Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД ( Македонско научно друштво).
Соработувал со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Од основањето во 2005 година учествувал и ја раководи како координатор ликовната колонија “Де Ниро” – Битола, а учествувал и на уште дваесетина други меѓународни ликовни колонии во Македонија ( Велес, Нижополе, Кавадарци, Дојран, Гевгелија, Струга, Дрен, Белчишта ), а исто така и во Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија. Со создадените неколку илјади ликовни дела, започнувајќи од 1959 година кога ја отвора првата самостојна изложба во Клубот на резервните офицери ( Широк сокак – 137 ), досега има отворено над 40 индивидуални изложби во Македонија ( Битола, Кавадарци, Охрид, Скопје ), а исто така и во Србија, Шведска и Австралија. Со свои дела учествувал и на над стотина колективни изложби во Македонија, Бугарија и Турција. Автор е на книгите: “Бели мисли и размисли”( афоризми-2000 година), “Оаза на плачот” ( хуморески-2002 година), “Думи” ( афоризми и хуморески-2006 година) како и на монографскиот каталог “Срце куќа најширока” – 100 цртежи со мотиви од старата архитектура на нашите села. Автор е и на над стотина решенија на насловни страни и илустрации на книги за деца и возрасни, а изработувал и повеќе плакати, амблеми, меморандуми и сценографии. Во 2006 година ТВ “Орбис” го сними документарниот 36 минутен филм “Творечки предизвици”. Во 2009,2014 И 2017 година ја добива плакетата за најуспешен битолчанец од “Битолски весник”. Во 2010 година е застапен во монографијата “Значајни личности на Битола” – култура, а истата година ја добива и плакетата по повод 50 години МНД.
Од големиот број други награди и признанија позначајни му се: 4 Ноември на Општина Битола 1987 година, Специјална награда на 37. Светска галерија на “Остен” 2009 година и наградата “медијала” за творечки опус на Ликовно книжевната колонија во вилата “Дајмонд” – Битола 2013 година, како и неколкуте награди на Струмичкиот фестивал за афоризам и карикатура. Во 2014 е промовирана книгата “Од активата на Панде Петровски” од авторот Радован П. Цветковски. Во 2016 година му е промовирана МАПА-портфолио – метаморфози од едицијата светско културно наследство, од галеријата уметност на хартија Остен – Скопје, како и сертификат за истакнат карикатурист. Во 2016 година ја добива наградата „ Борислав Траиковски “ за најдобро ликовно остварување на годишната изложба на ДЛУБ. Во 2017 година ја добива наградата за афоризам на организациониот одбор на Струмичкиот карневал.
Во 2019 година ја отвора ретроспективната изложба 60 години творештво, кога од Друштвото на ликовните уметници од Битола ја добива наградата за Животно Дело.
Во 2020 година од Македонското Научно Друштво ја добива плакетата “Кристална коцка”, а истата година ја добива и наградата на град Битола на традиционалната Ноемвриска изложба, Во 2021 година добива награда за животно дело на манифестацијата “Избираме најуспешни битолчани” во организација на Битолски Весник, а во 2023 год и наградата за трајни вредности.
Панде Петровски е познат и по својата хуманитарна дејност, конкретно, покрај тоа што му подари повеќе пастели на хуманитарното друштво “Самарјанин” , тој учествуваше и на хуманитарните акции во организација на Македонското научно Друштво, како и на самостојните донаторски изложби во организација на Ротари клубот – Битола, а и на Лајонс клубот “Хераклеја” .
Неговите дела се наоѓаат во Галеријата на современа уметност во НУ Завод и музеј – Битола,Галерија на современа битолска уметност во КИЦ Офицерски дом – Битола, Галеријата Остен – Скопје, роднокрајниот музеј на Хомоље во Жагубица – Србија, како и низ повеќе приватни и државни збирки во Европа, Австралија и Америка.
Во 2023 година НУ Центар за култура – Битола му доделува плакета за особен придонес во развојот на Државната изложба „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“
Во 2023 година во двата салони империјал I и II во КИЦ – Културно информативен центар – Скопје ја отвора самостојната изложба „Срце куќа најширока“ со над стотина цртежи од исто толку мотиви од старата архитектура на нашите села.