На 28.11.2025/ петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „ Линиска Стратиграфија“ од уметникот Давид Атанасоски. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
Во современата графичка пракса, линијата не се појавува како непосредна трага, туку како резултат на структурен пресек на волуменот. Скулптурниот објект се трансформира во генератор на отпечатокот, создавајќи визуелен запис што ја артикулира меморијата на материјалот и го претвора тридимензионалниот волумен во двомерна, но концептуално проширена, визуелна структура. Композициите се сведени на суштината: трага и празнина, маса и одсуство, површина и сенка. Присуството на материјалот се артикулира низ отпечатокот, кој ја пренесува динамиката и поетиката на формата, отворајќи простор за читање на интензитетот на материјалната интеракција. Линијата се јавува како гест, документ и концептуален субјект, поврзувајќи го феноменалното и менталното, физичкото и когнитивното искуство на гледачот.
Процесот на отпечатување ја трансформира скулптурата во инструмент на цртање. Рабовите, вдлабнатините и издигнувањата стануваат генератори на ритам и ред, создавајќи мрежи од монохромни, напрегнати линии. Листот ја впива нивната гестуалност и ја зачувува материјалната вибрација на објектот, како визуелна хроника на уникатно материјално случување. Монохромијата ја ослободува композицијата од описност, насочувајќи го вниманието кон чисто гестуално и концептуално читање. Во оваа редукција се открива суштината на формата: нејзината кревкост, строгост и тивка драматичност, кои го рефлектираат моментот на непосреден контакт помеѓу материјал и отпечаток.Отпечатокот станува момент на присуство, визуелен запис на трансформацијата на волуменот во двомерна, но концептуално експанзивна, визуелна форма – вели Давид Атанасоски.
Биографија за уметникот:
Давид Атанасоски
роден во Прилеп 1995 година.
Во 2018 година завршува Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со конзервација и реставрација. Член е на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movements.
САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ:
2015 – Скопје, Проект за урбана скулптура во простор, спонзорирана од Цементарница УСЈЕ.
2019 – Прилеп, Пејзажни знаци, Ликовен салон Марко Цепенков
2019 – Прилеп, Геолошки пресек , Нов културен бран
2020 -Скопје, Сеќавање за Сион, Галерија МКЦ
2022 – Прилеп, Геолошки пресек 2, Ликовен салон Марко Цепенков
2022 – Скопје, Геолошки пресек 2, Културно Ингормативен Центар
2022 – Нови Сад, Пејзажни симболи, Културен центар – Мали ликовни салон
2023 – Прилеп, Рециклирани пејзажни објекти, Прилепско езеро
2025 – Истанбул,Рециклирани пејзажни симболи, Културно информативен центар
ГРУПНИ ИЗЛОЖБИ :
2016 – Прилеп, Годишна изложба на ДЛУП, Галерија при домот на културата
2017 – Скопје, SIAB VIII Студентско интернационално арт биенале, Галерија ФЛУ
– Прилеп, Art Without borders Macedonian encounter, Галерија Борко Лазески
2018 – Скопје, Тема:НЕ, НУ Музеј на Македонија.
– Прилеп, Интернационален скулпторски симпозиум “Мермер„
– Прилеп, Годишна изложба на ДЛУП, Галерија при домот на културата
-Прилеп, Нови медиуми, Галерија Аче
2019 –New York, Personal ldentity Matter, Gallery MC
–Куманово, Биенална изложба, Скулптури на новото време, Дом на културата
– South Korea, Geumgang Nature Art Biennale, Cube 12x12x12+natur
– Скопје, Not your toy, Галерија КО – РА
2020 -Скопје, Остен биенале на цртеж, Национална Галерија на Македонија, Чифте амам
2021 -Скопје, Уметноста на досадата, Резиденција на ЕУ во Македонија
-Струмица, „Метаморфоза“ Несовршен простор 4, Europe house
-South Korea, Geumgang Nature Art Biennale, Cube 12x12x12+natur
2022 – Jeonju, Green Renaissance Project – Special Exibition
2022 – Gongju-si Korea, Natural cube exhibition, YATOO



























