На 24 октомври 2025 /петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на дела од Синиша Новески. Изложбата е дел од годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ за 2025, поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
Изложбата на скулпторот и професор Синиша Новески содржи околу 20 скулптури во различни материјали,мотиви и тематики.Тие се работени во последните 20 години, али најмногу има од последниот негов циклус на скулптури наречен” Жар скулптури” кои се направени во дрво и се доста симболични и асоцијативни и на еден метафизички начин го прикажуват денешниот свет со елементи на македонската традиција и митологија. Тие како жар во дрвото зрачат со својата топлина и ја греат душата на посетителот и гледачот. Во неговите скулптури секогаш има некоја лиричност и порака, но и богата ликовност и естетика.Скулптурите се во мал галериски формат, но зрачат со нивната монументалност.
Синиша Новески во неговото творештво има околу 30 самостојни изложби во земјава и странство и е добитник на многу награди и признанија .Член е на уметничкиот совет на ДЛУМ и работи како професор на Факултетот за архитектура при МИТ универзитетот во Скопје.
БИОГРАФИЈА
Синиша Новески (роден на 6. септември 1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог со повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Има изложено на 27 самостојни и повеќе од 45 групни изложби и има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми. Добитник е на 17 награди за сопствено уметничко творештво и за менторско-педагошко работење со студенти.
По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2002 г. како најдобар студент во класата по вајарство на професорот Васил Василев, Новески две години работел како асистент на еминентни скулптори Томе Серафимовски, Драган Попоски-Дада, и Никола Смилков. Титулата професор по уметност се здоби во 2004 г., а од 2007 до 2011 г. предаваше ликовно образование во СОУ „Свети Наум Охридски“ во Македонски Брод. Магистерски студии на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ги завршил во 2011 г. кај професор Жарко Башески.
Од 2011 до 2022 г., Новески ја прошири својата кариера во Белград, Србија, каде што, покрај развој како самостоен уметник, придонесе во областа на образованието и културната дипломатија во следните улоги: професор по ликовна уметност на Меѓународното училиште „Бејза“ (2013-2014), надворешен соработник за култура за Амбасадата на Македонија (2014-2018), претседател на управниот одбор на Македонски национален совет за култура (2015-2019), уметнички директор на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“ (2013-наваму), член на Управниот одбор на Друштвото на ликовни уметници на Македонија во Србија (2014-наваму) и културен соработник на фондацијата „Нушиќ“ (2014-наваму).
Во 2022 г. се врати во Македонија и од 2023 г. е член е на Уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Денес работи како доцент на МИТ Универзитет во Скопје, Факултет за архитектура.