Идната недела стартува Лигата на шампиони, УЕФА планира нов систем на натпреварување

Идната недела почнува новата сезона во Лигата на шампионите, а челниците на УЕФА размислуваат за промена на форматот на елитното натпреварување.

УЕФА и унијата на фудбалски екипи се договорија овој формат да биде на сила до 2024 година со што стивнаа обидите на најмоќните екипи да формираат Суперлига од 16 тимови во која би играле само гигантите, но веќе се размислува за промена на форматот.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин најави промена на форматот на ЛШ во завршницата која изминатата година поради пандемија се играше турнирски, а овој формат би стапил на сила од 2024 година. Најдобрите осум екипи, во Лисабон играа само по еден натпревар во четвртфиналето и полуфиналето.

-Идејата не е нова, но ова би бил најголем фудбалски спектакл. Не осум туку четири екипи би играле на завршниот турнир. Со осум е многу компликувано. Јасно е, домаќини би можеле да бидат само големи фудбалки градови кои ја имаат потребната инфраструктура и тоа би бил вистински спектакл – најавува Чеферин.

Првиот човек на УЕФА е убеден дека Европското првенство ќе се одржи идната година, но има и резервен план. Предвидено е ЕП да се игра во 12 градови низ Европа, но доколку пандемијата на корона вирусот не стивне, тогаш УЕФА размислува континенталниот собир да се одржи во само една држава.

Причината за ваквото размислување е дека постои реална можност ЕП да се игра без присуство на гледачи поради што дел од градовите организатори најавуваат дека е можно да се откажат од организацијата. Доколку се случи тоа, од европската куќа на фудбалот најавуваат дека можно е Германија да биде организаторот на ЕП.

Претседателот на УЕФА исто така зборуваше и за ВАР технологијата која минатата сезона крена доста бура во одредени фудбалски лиги. Тој најави дека УЕФА нема да се откаже од ВАР туку ќе работи на негово усовршување.

-ВАР технологијата во некои случаи помага, а постојат и случаи во кои не помага. Но, не верувам дека ќе се вратиме на старо. Технологијата е иднината, а ВАР има многу простор за напредок и тоа е клучот на се, да се усовршува овој тип на помот – додава Чеферин.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.