Иванов пресече: Нема заедничка прослава на денот на бугарската армија

Ништо од очекувањата на бугарските организации дека претседателите на Македонија и Бугарија заеднички ќе учествуваат на комеморација на бугарската војска во струмичко. Наместо во Ново Село, официјалната средба на Иванов и Радев е закажана за во недела ќе одржи во Дојран.

Иако првично голем дел од бугарските организации се израдуваа дека двајцата претседатели ќе одбележуваат голем ден за бугарската држава, Иванов пресече – средбата ќе се одржи на друга локација, бидејќи не станува збор за државна церемонија. Првиот човек на фондацијата „Блгарска памет“ на 21-ви април јавно се пофали дека остварил средба со гардата на двете земји и го погледнеле местото каде на 6 мај ќе се случи историската средба на претседателите Иванов и Радев во Ново Село.

“Многу сум горд што за првпат ќе бидам удостоен со честа да се случи средба на толку високо ниво. Секоја година тука доаѓаат македонски политичари и претставници на црквата, а сега рангот се зголемува-внимание ќе оддадат не само претставниците на големите сили, преку нивните воени аташеа, туку и на двајцата шефови на држави и нивните кабинети “, изјавил Милен Врабески за бугарската Агенција БГНЕС.

За бугарскиот филантроп 6-ти мај, денот на бугарската армија, прераснал во масовен празник од огромно значење за регионот, па не било спорно тоа да биде празник и за двете држави.

Од Кабинетот на претседателот Иванов потврдуваат дека официјалната средбата ќе се одржи во претседателската вила во Дојран, а не во Ново Село.

– Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во недела (6 мај) во Дојран ќе оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, којшто ќе престојува во работна посета на Република Македонија. Бугарскиот претседател Радев на 6-ти мај ќе присуствува на Комеморативна церемонија во Ново Село, информираат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Инаку на покана на Радев, Иванов во јуни ќе учествува на возвратна официјална посета на Бугарија.

Очигледно водејќи се од заложбите на Македонската и бугарската Влада за заедничко чествување на празници како дел од пружената рака за добрососедство, соседите очекуваат заедничко присуство и на ниво на претседатели па дури и за вакви церемонии. Со ланскиот договор за добрососедство Заев и Борисов си пружија рака дека ќе го слават заеднички најголемиот македонски државен празник Илинден, оставајќи им простор на Бугарите за признавање на дел од македонската историја како нивна, коментираа тогаш голем дел од домашните историчари.

 

Извор: kurir.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.