Иванов: “Нема да легализирам политички дивоградби-нема да ме поколебаат со закани и притисоци, Македонците да имаат верба”

Претседателот Ѓорге Иванов предмалку преку прес конференција се обрати до граѓаните по повод договорот за името на државата.

Иванов порача дека нема намера да легализира политичка дивоградба и дека договорот е капитулантски, штетен и со далекусежни последици кон Македонија и македонскиот народ.

Целиот процес се одвиваше несериозно и неодговорно, а текстот на договорот е поразителен за Република Македонија.

Иванов праша, дали е патриотизам да се менува преамбулата на Уставот на државата, дали е патриотизам да се брише членот за заштита на македонското малцинство во Грција и дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема правни гаранции за македонската страна.

Претседателот истакна дека Грција ги исполни своите максималистички барања и дека она што Грција го направи со Македонците во Грција сега го прави со Македонците во Македонија.

Иванов рече дека со договорот се погазува заветот на нашите предци, се погазува 73-годишното право за самоопределување на македонскиот народ и дека се бришат 27 години македонска независна држава.

Тој додаде дека со овој договор на неродените Македонци им се ускратува правото да бидат Македонци и дека ЕУ и НАТО не треба да бидат алиби за лош договор.

“Овој договр дополнително го поларизира општеството”, рече Иванов.

На крајот Претседателот го повика македонскиот народ да не се плаши и да не ја губи вербата.

“Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци и закани”, рече Иванов.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.