Ракометарите на РК Прилеп го забележаа шестиот сезонски триумф во Супер лигата, откако со високи 22:37 го совладаа “фенерџијата” Радовиш.
Интересно за овој натпревар беше тоа што радовишани иако требаше да бидат домаќини, натпреварот се играше во Прилеп, тоа поради реновирањето на спортската сала во овој град.
Избраниците на Божидар Мојсов го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар и постојано беа во високо водство, но она што загрижува е одново односот на одбраната. Радовишани сепак постигнаа 22 голови, ефект кој не се очекуваше од толку слаб противник.
Очигледно е дека недостига вистински столб во одбраната на прилепчани, па резултатите и примените голови во првиот дел од сезоната, треба да бидат аларм за раководството, да се размрдаат и да ангажираат дополнително засилување во пресрет на пролетниот дел од првенството.
Со овој триумф прилепчани се доближија на два бода од петтото место на табелата, кое носи во плеј-оф разигрувањето, а каде во моментов се наоѓа Бутел.
Токму Бутел ќе биде идниот противник на прилепчани во вториот дел од сезоната, кој стартува на 9. февруари идната година.