И по 7 години без решен статус: Околу 120 лица ангажирани со договор на дело во прилепската болница бараат Решенија за вработување

Без пензиско и здравствено осигурување и за минимална плата, со години работат околу 120 здравствени работници и во прилепската Болница. Задолжени со истите работни задачи како и нивните вработени колеги, овие луѓе, помеѓу кои има и лекари, и медицински сестри, и технички персонал, за овој месец немаат ниту нови договори што дополнително ги вознемирува и разочарува, бидејќи стравуваат дека ќе останат и без мизерниот минималец – oбјави “ТВ АЛФА”.

ФОТО/printscreen/Инфо компас

„Работам пет години на Договор на дело во Итна медицинска помош. Нашиот статус сега не е никако решен. Немаме потпишано ни нови договори и идиме на работа без здравствено, без пензиско, без ништо. Имаме десетина колешки на кои договорите ни се на минимална и под минимална плата од 20.000 денари, а работиме и ноќни смени, и празници, а не е ништо платено. Можно е да не земеме и плата“, рече Мартина Маркоска, договорна сестра во Итната помош, Прилеп.

„Држиме ние и дежурства, денски, ноќни смени и работиме со пациенти, што е нормално, носиме одговорност за секакви лица. Што е до наш домен ние пациентите нема да ги оставиме, ние си ја бркаме својата должност, ама сепак си го бараме своето право да биде решен нашиот статус. Сепак се многу години. Ако вака продолжи, можно е да решам да си заминам и надвор од државата“, вели Мита Стојкоска, договорна сестра од Ортопедското одделние.

“Тука сум шест години, сега ја почнувам седмата година со Договор. Немаме никакви бенефиции. Доколку овие луѓе што се овде – застанат, јас мислам дека нема да функционираат одредени работи“ – кажа Томе Бошкоски, болничар со Договор на дело.

Прилепските договрни здравствени работници, денеска, самоорганизирајќи се како неформална група, упатија апел до сите надлежни институции – итно и трајно да се реши нивниот статус.

„Како прво и основно, ние работиме во здравствена установа, а немаме здравство. И тоа е апсурд. Ова е апел до Министертсвото за здравство, до Владата, до сите пратеници. Ние се надеваме дека овој проблем ќе се реши, ако не се реши, да сме здрави и живи, ние не губиме, другите губат“, – истакна Благоја Јагуриноски, возач во Брза помош со Договор на дело.

Од менаџментот на прилепската Болница пак, преку соопштение упатија поддршка за овие луѓе, истакнувајќи дека Болницата од ресорното Министерство веќе побарала согласности за нивното вработување. „ЈЗУ Општа болница има реална потреба од: лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари и возачи во Итна помош. Апелираме до Министерството за здравство за што побрзо решавање на статусот на овие лица“, се вели во дописот од прилепската Болница.

Каролина Дурло/ТВ АЛФА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.