И пocле 108 гoдини Пpилеп се поклонyва пpeд Пepe Тошев – coвecта на peволyциoнepна Македониja: Oва ce нeгoвитe пoтoмци (Фото)

Пере Тошев – Лефтер (1865 – 4 мај 1912) е македонски револуционер, војвода и учесник во Илинденското востание. Тој е член и раководител на Македонската Револуционерната Организација, еден од најблиските соработници на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, а подоцна близок на Народната Федеративна Партија.

Роден е во Прилеп во семејство на на богати и видни иселеници од Дебар.

Пере Тошев бил револуционер кој имал оформени идеи и ставови за револуционерната борба, како никој друг.

Иако Тошев не се согласил со решението за кревање на недоволно подготвено масовно востание, сепак зел активно учество во Илинденското востание. Тој дејствувал во прилепскиот крај кај Мариово, а по задушувањето на востанието, со помош на Петар Ацев, Ѓорѓи Пешков и Ѓорче Петров, работел на обновување на револуционерната мрежа на Организацијата во Прилепско.

Споменик на Пере Тошев во Прилеп

Тој по востанието се залагал за реформи и децентрализација во Организацијата.

Неговите современици ќе забележат дека: „Меѓу најголемите македонски дејци, Пере Тошев е најмалку познат. Тој живееше во осаменост и умре незабележано. Неговиот тивок и меланхоличен лик, сепак е полн со редок и скапоцен шарм. Внатрешниот живот кај никој од соборците не беше така чисто фокусиран и изобилен со морално богатство како кај него“.

Тошев е опеан во неколку македонски песни, а една од нив е “Песна за Пере Тошев”:

Во продолжение сторија на неделниот весник “Зенит” за потомците на Пере Тошев.

Осумдесет и три годишниот Сашо Тодорчески ја чува историјата

– Виделина за фотографијата на Пере Тошев и Гоце Делчев од пред 119 години, за која јавноста не знае, а ја криеле четири семејни колена

Веќе четврта генерација, стара фотографија на која рамо до рамо застанале Пере Тошев и Гоце Делчев, “живее” во мрачните мусандри и долапи во мудбаците со прашина и пајажина на фамилијата Тодорчевци. Меѓу двајцата револуционери, седнал Стилијан, роднината на Пере Тошев. Како единствено сведоштво за крвната врска со револуционерот Тошев. Фотографијата ја чува како очите 83 годишниот Сашо Тодорчески. Се охрабри, од мракот да ја извади на виделината на денот и приказната да ја подели со сограѓаните.

– Четири генерации во нашава куќа ја чуваат сликата како зеница во очите. Љубоморно и гордо ја негувал и криел и прадедо ми Ангеле Тодорче, кој бил бакал. Не ја испуштаа од рацете и кога душата ја даваа и дедо ми Василе, и татко ми Илија. Нивниот завет ќе го пренесам на моето потомство. Како што мене ми пренесуваа и јас раскажувам. Ми кажуваа дека Стилијан и Пере Тошев биле блиски. Стилијан потекнувал од чорбаџиската фамилија Бомболовци. Бил учител и педагог, затоа бил близок со Делчев. Сликан е со нив, оти бил почитуван. Фотографијата е направена во Прилеп некаде во 1900 година, пред Илинденското востание. Делчев е уште помлад – кажува Сашо Тодорчески.

– Пере Тошев и’ бил внук на баба ми Евгенија од прв братучед Илија, кој пак бил син на Коста Тошев, кој бил кмет на Прилеп во тоа време. Всушност, баба ми по татко, била едно од трите деца на прабаба ми Анастасија, која била ќерка на Бомбола, а мажена кај Тошевци. Калиопи, која живеела во Софија и Стилијан, кој е сликан со Пере Тошев се другите деца на Анастасија и Поп Аврамиха. Значи, Стилијан е брат на баба ми Евгенија, а на татко ми вујко и мене дедо. Другата поврзаност и блискост со Пере Тошев е што татко му на Стилијан, поп Аврамиха бил претседател на црковните училишта во Прилеп. Иако бил поп, бил и учител и соборец на Пере Тошев. Прадедо ми Поп Аврамиха, најмил шест комити да го отепаат Сулејман Чучила, силеџијата во Мариво пред Илинден. Ама го ставиле во затворот Џарберкир. По некое време го ослободиле, и заедно со Пере Тошев, дека биле роднини, патувал до Градско со кираџии – раскажува тој.

Ја довардил вратата на која има шестокрако сонце од Кутлеш. Во одаите на старата куќа, се собирале револуционери.

– Се состанувале Даме Груев, Пере Тошев и Ѓорче Петров во старата куќа со огромни ѕидови, оградена, како бастион, затворена со железни порти, ни да ѕирка, ни да проѕирка. Се ковале планови за пусии и напади, како да се сардисаат турските чети, како да се изведат атентати на турски ајдуци, аги и бегови. Бедем не и’ е рамен. Никој не може да влезе ниту од една страна, а да не биде забележан. Сета е обезбедена со железни капаци, а прозорците со метални решетки, пиле да не прелета, не па непријател. Таа е спомен. Драга ми е, оти ми е наследство. Сакам да ја зачувам. Побарав и од Завод и Музеј да ја заштитат, оти е историска – раскажува Тодорчески.

– Ова е свето место. Тодорче е основач на фамилијата, затоа нé викаат Тодорчевци. Не го продавам да ми даваат милиони. Ова е сермија на Тодорчевци отсекогаш – категоричен е Сашо, како што вели, стар човек со богато минато.

Му ја крепат душата многуте години. Секој ден живее со спомените, кои му даваат сила. Не го напушта надежта дека историјата на четирите генерации нема да згасне, иако неговиот син живее и работи во Скопје. Не се дели од мислата дека потомоците ќе се вратат на родното огниште да ја продолжат лозата. И тие да им раскажуваат на внуците и правнуците дека и во нивните вени тече револуционерната крв на Пере Тошев.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.