И „ЛЕВИЦА“ БАРА СОБРАНИЕТО ДА СЕ САМОРАСПУШТИ: Народот да си ја прослави победата, Собранието да се самораспушти!

Партијата Левица ги повикува граѓаните да заедно да ја прослават победата против владината пропаганда и побара Собранието, како распишувач на неуспешниот референдум да се самораспушти и да распише предвремени парламентарни избори.

Денес е ГОЛЕМ ДЕН во поновата македонска историја!

Денес, еден мал и мирољубив народ на Балканот го покажа своето достоинство и гордо одби да се самоукине!

Денес, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други наши сонародници – солидарно, преку организиран МАСОВЕН БОЈКОТ на илегалниот референдум, покажаа сплотеност и заедништво во Отпорот спрема империјализмот спроведен од корумпираните елити и го одбрани АСНОМскиот карактер на Републиката.

Според извори од нашите набљудувачи на терен, политичката партија Левица обзнанува дека Референдумот за промена на уставното име на Републиката, според домашните и меѓународните важечки регулативи, и официјално е НЕУСПЕШЕН! Во задолжителна правна сила останува плебисцитарно донесената одлука од Референдумот за независност 1991, каде што е утврдено единственото име на државата- МАКЕДОНИЈА.

Во таа чест, делегација на Президиумот на нашата партија, вечерва во
20:30 часот, ќе се ПОКЛОНИ пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“. Ги повикуваме сите наши членови и симпатизери да ни се придружат во ПРОСЛАВАТА на тешкостекнатата победа против владината пропаганда.

Истовремено, ја повикуваме Владата на РМ, поради целосното губење на легитимитетот, под итно да поднесе неотповиклива ОСТАВКА, а Собранието на РМ – како распишувач на овој срамен и пропаднат Референдум, да се самораспушти и да распише предвремени парламентарни избори!“.

Извор: инфомах




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.