И брат Љубе зема дебели пapи, а никој не знае што работи, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Еден од најкарактеристичните примери за паразитирање на грбот на граѓаните е Љубе Бошкоски кој зема 50.000 евра за мандат, а никој не знае ни што работи ни што придонесува за тие пари, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ, продолжувајќи ја листата на функционери како дел од аферата „Паразити“.

„Аферата ‘Паразити’ секој нов ден покажува нов аздислак на власта на СДСМ и ДУИ во време на криза. Додека од народот бараат да стега ремен, да се тушира со поладна вода, да готви во мали тенџериња, тие немаат абер да ги скратат баснословните хонорари и плати на функционерите кои ги именуваат. Таков е примерот и со Љубе Бошкоски, кој зема 50.000 евра за мандат, а никој не знае што работи и што придонесува за тие пари. Фестим Халили, пак, од позиција директор на ФИТР зема 1.000 евра месечно и речиси 50.000 евра за мандат, за нешто за кое граѓаните немаат апсолутно никаква корист. Уште еден пример за неразумна плата е и Миѓен Селмани член на Управен одбор и директор во М-НАВ кој зема 3.000 евра месечно или 144.000 евра за мандат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Христијан Мицкоски сметаат дека власта на СДСМ и ДУИ во оваа криза имаат други приоритети, различни од тие на народот.

„На власта приоритет им се непродуктивните трошења, криминалот и полнењето на функционерските џебови“, се вели во партиското соопштение.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.