Значителна промена на цената на нафтата на светските берзи – ќе се одрази ли и кај нас?

На крајот на вчерашниот работен ден на берзата во Лондон, цената за барел сирова нафта “брент” застана на 86.15 $.

Во некои периоди од денот барелот се спушти и под 85.8 долари, а меѓу отварањето и затворањето на берзата – цената за едeн ден се спушти за неверојатни 4,76%.

Сега цената на нафтата е на ниво од 14-ти јануари, а пред неполн месец беше и над 120 долари. Истата ситуација се случува и на американските берзи каде падот е уште поголем.

На цените пред се влијае одлуката на американската ФЕД за новото зголемување на референтните каматни стапки за 0,75% со кое треба да се намали потрошувачката на пари и побарувачката на стоки и услуги. Тоа според ФЕД е најдобриот лек за сопирање на инфлацијата која во САД засега не стана двоцифрена.

Намалена е и побарувачката за нафта поради скапите цени на бензините за автомобилите поради што тие помалку се користат. На овој сегмент, побарувачката влијае и тоа што повеќе големи кинески градови се во карантини, а Кина веќе две децении е најголем светски потрошувач и купувач на нафта и енергенси.

Олабавувањето на ковид мерките во Хонгконг, инвеститорите го гледаат како можност тоа да се преслика и во останатите “затворени” кинески градови по што би следела стабилизација на пазарот на нафта.

Понудата на нафта е зголемена откако војната во Украина придонесе за прекин на некои од најголемите традиционални патишта на пред се руската нафта (пред војната Русија држеше околу 10% од светскиот пазар). Многи затворени нафтени наоѓалишта се отворија повторно поради моменталната брза потреба за овој енергенс, но сега се произведува вишок што дополнително ја спушта цената.

Високата вредност на доларот дополнително ја намалува потрошувачката и цената на нафтата. Доларот со кој се плаќа нафтата е на историско највисоко ниво во однос на еврото и другите валути поради погоре спомнатите меркинна ФЕД кои предизвикаа чувство на верба во американската валута и сигурност кај инвеститорите.

Но, поради високата цена, бензините кои се купуваат за долари, а продаваат за евра или кај нас за денари се поскапи и поефтинуваат минимално. На тој начин се смалува побарувачката, а така и цената на нафтата која сега е на ниво на првата недела од јануари 2022-ра.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.