Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на Фејсбук напиша дека 24 февруари е тажен ден за Украина и мрачен ден за Европа.
– Со нападот врз Украина, Кремљ уште еднаш грубо го прекрши меѓународното право со кое им донесе страдање и уништување на своите непосредни соседи и го прекрши суверенитетот и границите на Украина. Истовремено, ваквите дејствија го доведоа до прашање и мировниот поредок на нашиот континент. За ништо од ова нема оправдување. Војната и огнот не се шега, а употреба на сила и принуда нема место во 21 век.
Вечерва, го осветливме Министерството за надворешни работи во боите на украинското знаме со што сакаме да пратиме силна порака на поддршка и солидарност со Украина и пријателскиот украински народ, во овие тешки моменти. Нашите народи се добро познати по подавањето рака на оние на кои таа им е потребна, нешто што е запишано и во историјата. Ние ќе вложиме напори да запрат вашите страдања.
Во оваа прилика уште еднаш ја реафирмираме нашата недвосмислена поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и како земја членка на НАТО и одговорен чинител во меѓународната заедница упатуваме апел за итен прекин на воените дејствија врз Украина и враќање на мирот, наведува Османи.