Заслужија ли нашите првоборци ваков третман? “Могилата на непобедените” од ден во ден станува срам за Прилеп (Фото галерија)

Заслужуваат ли нашите првоборци ваков третман? Заслужува ли нивното дело да се понижува на ваков начин?

Најрепрезентативниот парк на Прилеп – “Могилата на непобедените” изгледа на се, само не и на она на што сме навикнати од минатото.

Тука се наоѓаат посмртните останки на 462 борци од Прилеп, кои го дале својот живот во Народноослободителната борба. Еве како им враќаме за тоа ние како општество денеска….

Испокршени клупи, пешачки патеки кои пропаѓаат, тревници кои се наводнуваат откако ќе се исушат, речиси уништено осветлување, запустени фонтани, ѓубре насекаде…

Веќе неколку пати имаме зборувано и за живеалиштата од некогашната “Украсна градина”, куќарки каде живееја прекрасни украсни птици од сите краишта на светот. Денес птиците ги нема, а живеалиштата скапуваат, обраснати со трева, без никој да се потруди барем да ги исчисти…

Тука е и живеалиштето на ламата, кое уште повеќе го нагрдува паркот.

Во ништо подобра состојба не е ниту живеалиштето со пони коњчиња, кое наместо да биде убаво и чисто место за посета и за живеење на коњчињата, често е затрупано со измет и мириса на урина.

За потсетување, “Паркот на револуцијата” во минатото беше кампинг простор кој го користеа стотици гости кои доаѓаа на фестивалот на скарата и пивото – “Пиво Фест”.

Сета среќа па начекавме некоја донација и се направи ново детско игралиште, а со помош од стопанствениците се реновираа спортските игралишта.

Со се’ друго се чини некој треба ИТНО да се зафати да работи! Апел до надлежните да се врати стариот сјај на “Могилата”, паркот одново да прерасне во препознатлив бренд на Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.