ЈКП „Комуналец“ од Прилеп и годинава започнува со спроведување на големата пролетна акција за расчитување и разубавување на градот. Се планира да бидат освежени над 200.000 м2 парковски површини во Прилеп. Од ЈКП „Комуналец“ информираат дека ќе се извршело поголемо засадување на зимзелени дрвја, а ќе се освежеле и цветните алеи.
„Тоа значи комплетно преуредува на паркот кај Градскиот саат, Могилата, паркот во населбата Точила, веќе се уредува алејата на новата булеварска улица „Димо Наредникот“, како и одредени кружни текови кои треба да се обноват со нови зимзелени растенија и цвеќе. Тука би напонемала дека започнавме и со варосување на дрворедите и нивна заштита. Голема акција се спроведува и за чистење на дивите депонии. Прилеп нема проблем со управувањето на отпадот благодарение на селекцијата на истиот. Имаме само некои помали диви депонии, но се далеку помалку за разлика од минатото, а тука секако свој голем придонес даде комуналната инфраструктура која „Комуналец“ ја распредели по домаќинствата. Исто така контејнери има на скоро сите јавно прометни површини“, Лилјана Силјаноска Пурдеска, портпарол на ЈКП „Комуналец“.
Од ЈКП „Комуналец“ упатуваат апел до граѓаните дека за фрлање на градежниот шут можат во секое време да се обратат до јавното претпријатие да порачаат контејнер или трактор и истиот ќе биде однесен на депонијата Алинци. Исто така и за електронскиот отпад „Комуналец“ набавил опрема која била потребна за складирање на ваквиот вид на отпад, бидејќи неговото складирање барало посебни правила.
„Со ова пролетно чистење во секое време граѓаните, се што спаѓа во комунален отпад, освен градежниот шут, и елекронски отпад и габаритен отпад можат слободно да се јават на 048–428-992 и во текот на еден ден или два отпадот ќе им биде подигнат. Исто така ќе се спроведеме чистење на Дабничка и Оревоечка река, и уште еден апел до граѓаните, без разлика на количините на отпад „Комуналец“ го подига целиот и нема потреба тој да се фрла во речните корита. Овој апел особено важи за населението на населбата Тризла. Маалските паркови ќе се освежат, клупите ќе бидат одново обоени, ќе се поправат реквизитите, а некаде се изработуваат и нови детски реквизити“, додаде Лилјана Силјаноска Пурдеска, портпарол на ЈКП „Комуналец“.
„Комуналец“ моментално работи на изработка на неколку маалски паркови и тоа : Музичкиот парк, паркот пред театарот и паркот кај населбата Рид. Потоа се планирало да се започне со доуредување на големиот парк во населбата Точила кој ќе бил завршен до јуни. А веќе биле доработени и парковите во населените места : Лагово, Кадино село и Галичани.
[Best_Wordpress_Gallery id=”483″ gal_title=”CistPrilep”]
„Оваа пролетна акција ќе трае во период од 2 до 3 месеци, прво ќе се започне со чистење на дивите депонии на влезовите и излезите на градот. Еве еден апел до граѓаните да не го фрлаат шутот насекаде каде што ќе стигнат. Исто така ќе има редовно мијање и чистење на сите улици во градот, освежување на старите парковски површини, но и изградба на нови, како и пролетно садење на дрвца во Прилеп и неговата околина. Сакам да најавам и неколку важни проекти кои ќе се случат во наредниот период, а тоа се : дозавршување на детското игралиште во населбата Рид, пред ООУ „Кочо Рацин“, а ќе се изгради и уште едно детско игралиште на улицата „Мечкин Камен“ во оваа голема населба. Запоната е изградба и на еден преубав парк со детско игралиште помеѓу зградите во населбата „Ѓогдере“, кој исто така ќе биде завршен за брзо време, за скоро време готов ќе биде готов и музичкиот парк во Врбенско маало како и досредување на паркот пред театарот. Ќе се продолжи со уредување на паркот во Точила 2 околу зградите кај ООУ „Блаже Конески“. За да наесен се продолжи со изградба на уште еден голем парк во населбата Точила 3, или зградите над црквта Света Петка. Ќе се уредува и просторот помеѓу зградите во населбата Бончејца“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од локалната самоуправа на Прилеп истакнуваат дека ќе се продолжело со изградба на нови парковски површини и изградба на детски игралишта како во градот така и во населените места и тоа секогаш се правело во договор со урбаните заедници и по барање на граѓаните на Општина Прилеп. Исто така од Општина Прилеп апелираат до граѓаните доколку во нивната населба или маало има некоја слободна површина која се води како општинско земјиште, а тие сакаат таа да стане парк, слободно да се обратат до локалната самоуправа и таа според можностите ќе се потрудела да им излезе во пресрет.