По завршувањето на зимската пауза денес продолжија градежните активности во општина Кривогаштани, каде фирмата БВ Инженеринг – Битола започна со реконструкција и адаптација на општинската зграда во Кривогаштани.
Започнатите активности се однесуваат на рушење на постоечката внатрешна структура на надградбата која се наоѓаше во лоша состојба изложена на надворешни временски влијанија која со реализацијата на проектот ќе добие нова подобра и пофункционална поставеност на работните простории кои ќе добијат целосно нова опрема.
Исто така целосно ќе се промени крoвната конструкција на надградбата на општинската зграда и заедно со надворешната термоизолациона фасада ќе се добие една модерна функционална административна зграда од современ карактер.
Целокупната инвестиција на проектот изнесува 16,000,000 денари или 260.000 евра средства обезбедени преку ИПА компонента – грант за подобрување на општинските услуги.
Покрај реализацијата на општинската зграда во истиот грант опфатени се уште два проекти, едниот за промена на уличното осветлување на регионалните патишта низ територијата на општината со нови лед светилки и третиот кој за недела дена ќе започне да се реализира е изградбата на нов модерен зелен и млечен пазар веднаш до новоизградениот сточен пазар, за да општина Кривогаштани го добие најмодерниот пазарен комплекс во државата.