Екс премиерот Зоран Заев му се закани со тужба за австрискиот амбасадор Георг Вуцас во врска со случајот на судска наплата на штета во интерес на фирма од Австрија во кој, како што тврди амбасадорот, се инволвирани роднини на фамилијата Заеви.
„Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува.
Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот.
Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име.
Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија“, стои во реакцијата на Заев на изјавата на Вуцас.