Заев разочаран од Пендаровски? “Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите”

Премиерот Зоран Заев изрази изненадување од ставот, кој претседателот на државата Стево Пендаровски вчера го изнесе во Приштина во врска со иницијативата „Отворен Балкан“.

– Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот, изјави Заев за ТВ21 и додаде дека минатото покажало што значи затворен Балкан и оти е неоправдано кое било заговарање против „Отворен Балкан“.

Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.

– Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи, изјави Заев.

Тој нагласи дека не е загрижен, туку е уверен оти институциите посветено ќе работат на обезбедување на бенефитите од оваа иницијатива за граѓаните.

– Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот, истакна Заев за ТВ 21.

Претседателот Пендаровски вчера за време на посетата на Косово, на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека „Отворен Балкан“ е фалична иницијатива од самиот почеток, бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан во неа се само половината. Тој напомена дека се додека иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна.

Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, кој има институции и ресурси, а оваа иницијатива тоа засега го нема.

– Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, рече Пендаровски.

Тој потсети дека на почетокот изразил резерви за „Отворен Балкан“ во 2019 година, бидејќи сметал оти ако тоа е обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членство во ЕУ ќе бил против, но откако добил уверување од премиерите вклучени во иницијативата дека нивната идеја не е таква, ја поддржал иницијативата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.