Заврши 51. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” – Гајдата на Пеце за младиот гајдаџија Александар Ангелов од Штип (ВИДЕО)

Викендов на локалитетот Рудина, во општина Долнени, се одржа 51. издание на реномираниот Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Настанот го слави македонското нематеријално културно наследство. Годинава фестивалот на едно место обедини околу 300 учесници од сите краеви на земјата.

Посебен акцент оваа година беше ставен на меѓународната соработка – гости беа членовите на оркестарот „Александар“ од Австрија, кои го негуваат автентичниот македонски изворен мелос, а за тие заслуги и за настапот на фестивалот ја добија “Гранд при” наградата.

-Ние сме среќни што наоѓаме начини да ја негуваме оваа музика. За првпат во дијаспората може секој да дојде и да го учи изворниот македонски мелос. Настапуваме насекаде и ја шириме македонската музика и таа убава енергија, вели Александар Арабаџиев кој го води оркестарот „Александар“ во Виена.

Главната награда – „Гајдата на Пеце“ ја доби Александар Ангелов од Штип.

-Гајдата за мене има големо значење. Пораснав со тој звук, го свиереа моите предци и мојот татко. Ќе продолжам да ги негувам овие „волшебни звуци“, изјави Ангелов.

Годинава двата фестивалски денови се одржуваа на местото познато како “На Рудина” во Долнени, при што изостанаа настапите на Камената бина во центарот на Прилеп.

Како дел од фестивалските случувања пак, во Прилеп се одржа и симпозиум насловен како „Фолклорот во минатото и денес“, со презентација на Зборникот за фолклористичките истражувања.

Фестивалот “Пеце Атанасовски” е најстарата манифестација од ваков тип во земјава, која со децении го негува и зачувува духот на македонската традиција.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.