За време на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа во Албанија имало многу правила кои морало да се почитуваат, а сето тоа се пресликувало и во спортот.
На пример во 70-те и 80-те години на мажите им било забрането да носат брада, долга коса, а била забранета и рок музиката. Се сметало дека овие трендови би можеле да ги расипат младите.
Во 1970 година, во рамки на првото коло од Купот на европските шампиони, екипата на Ајакс гостувала кај клубот од Тирана 17 Нентори, или денешна ФК Тирана.
Албанската државна агенција за патувања ги информирала Холаѓаните дека нема да им биде дозволено да влезат во државата, доколку не си се пострижат, или доколку имаат бради.
Жените кои биле дел од стручниот штаб на клубот не смееле да носат мини сукњи. Претседателот на Ајакс, Јап Ван Праг се жалел во УЕФА и барал исклучување на Албанците од натпреварувањето, но на крајот Холаѓаните направиле компромис и натпреварот се одиграл.
Во тимот на Ајакс тогаш биле и легендарните Јохан Кројф, Дик Ван Дајк, Велибор Васовиќ…
Ајакс водел со 0:2, но албанскиот клуб се изборил за нерешено. На повратниот натпревар во Амстердам, Ајакс победил со 2:0.