За чудото кое минатата година се случи на празникот Св. Пантелејмон, во истоимениот манастир кај мариовско Полчиште (ВИДЕО)

Сместен на една од најубавите панорамски локации во Мариово, на врвот Панделе во близина на село Полчиште, манастирот Св. Пантелејмон во изминатите години прераснува во едно прекрасно светилиште кое го посетуваат стотици верници.

Иако до самиот манастир не води пристапен пат, управата изминатите години прави вистински чуда да донесе до местото разно-разни градежни материјали и постојано да го осовременува ова прекрасно место.

И денеска за патронот на манастирот, Св. Пантелејмон, традиционално таму е весело и разиграно, а голем број иселеници од ова село во градовите ширум Македонија и во странство, се таму и уживаат во убавото време и недопрената природа. Во очекување на фотографии и видео материјал од денешното празнување на празникот, се потсетуваме на едно мало чудо кое се случи минатата година.

Во Прилеп и прилепско постои обичај да се направи аукција, кога разни дарови кои верниците ги оставаат во манастирот се продаваат, а со цел да се соберат што повеќе средства и истите да се вложат во некој неопходен зафат за манастирот.

Минатата година за Св. Пантелејмон, две тегли мед, кои ги оставил некој неименуван пчелар, биле продадени по неверојатни 55.000 денари, или за околу 2.000 евра.

За мештаните и верниците кои на празникот го посетија манастирот ова беше чудо. Тие веруваа дека самиот светец ги натерал наддавачите на аукцијата толку многу да ја кренат цената.

Аукцијата и дел од празничната атмосфера можете да ги погледнете во видеото во продолжение:

Да им посакаме да имаат ваква богата аукција и оваа година, за што повеќе да се разубавува ова свето место и што повеќе луѓе во иднина да го посетуваат и уживаат во недопрената мариовска природа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.