Сакаме да најдеме решение со Бугарија зашто сме пријатели, но не е јасно во што е проблемот, порача вчера премиерот Зоран Заев. Вели дека македонската страна нуди решенија за тргање на бугарската блокада и отворање на патот кон ЕУ и е согласна ако треба уште еднаш да се дефинираат работите содржани во Договорот за добрососедство.
Дадени се и појаснувања дека долгото и краткото име на државата се едно и исто, дека немаме територијални претензии, дека немаме намера, ниту според Уставот имаме право да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија или на која било од соседните земји, вклучително и малцинските права, дека ќе се спречува говорот на омраза.
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захарева, пак, вчера изјави дека Бугарија и натаму смета дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ, но инсистира на видливи резултати во спроведувањето на Договорот за добрососедство со Македонија. Тоа било позиција што ја предложи владата, а едногласно ја усвои бугарскиот парламент.
Сепак, признава дека позицијата на Софија не е лесна за разбирање, но оти ќе продолжат со напорите да ја објаснат. Тоа, вели Захариева, не значи дека Бугарија треба да продолжи да ги затвора очите.
– Очекувањата во Скопје, дека некој ќе изврши притисок врз нас и ќе го заборавиме спроведувањето на Договорот за добрососедство и одлуката на нашиот парламент не се реални, изјави Захариева за бугарското радио „Дарик“.
Клучен проблем, според неа, е неспроведувањето на Договорот за добрососедство, како и ниското ниво на меѓусебна доверба, префрлање на решавањето на политичките прашања на историчарите, но и непочитување на правото на самоопределување на граѓаните со бугарска самосвест во РС Македонија.
Тврди дека никој не го оспорува правото на самоопределување и слободно изразување, а проблем не бил ниту јазикот.
– Јазикот никогаш не бил непремостлива пречка за пристапувањето на Македонија. Тој е непремостлива пречка за нив. Господинот претседател (Стево Пендаровски) многу добро знае за што станува збор, и не треба да ги извртува работите, истакна Захариева.
Обвини дека во РС Макеоднија се води „пропаганда која има за цел да го одвлече вниманието од фактот дека не се почитува напишаното во Договорот за добососедство“.
– Политичките прашања мора да ги решат политичарите. Проблемот е во тоа што што нашите пријатели од Македонија се обидуваат да им пренесат политички прашања на историчарите. За да се решат проблемите треба да се намалат емоциите. Со емоции и разговори преку медиумите тоа нема да се случи. Потребна е добронамерност, отвореност, ставање на проблемите на маса и да им се остави на историчарите да си ја вршат својата работа без политички притисок, заклучува шефицата на бугарската дипломатија.