Нашата најдобра млада кошаркарка доби покана да биде дел од интернационалниот камп на НБА лигата кој од 1. до 5. јуни ќе се одржи во Милано.
Одличните игри во текот на ланската сезона, секако и во оваа актуелната, не останаа незабележани, напротив…
Михаела Алексовска, нашата најдобра млада кошаркарка за 2021 година доби уште едно големо признание. Предводникот на нашата селекција „Под 16“ години, која лани го освои првото место на ФИБА „Челенџерот“ за млади кошаркарки „Под 16“ години во Тбилиси е поканета да земе учество на еден од најпрестижните кампови во Европа за талентирани кошаркар(к)и, насловен како „Basketball without borders“.
Овој собир кој го организира одделот за младинска кошарка на НБА лига, ќе се одржи во периодот од 1. до 5. јуни во Милано, а се очекува да земат учество повеќе од 40. најталентирани кошаркарки од Стариот континет родени 2005 година и помлади.
Една навистина ретка можност за капитенот на нашата женска кадетска селекција, и кошаркарка на Крива Паланка да ги надгради уште повеќе своите кошаркарски знаења преку дружбата со своите врснички од цел свет.
Извор: kfsm.mk