Место каде душата може да го најде својот мир и спокој, место каде птиците посилно пеат, место каде секој може да си ги пронајде своите мисли длабоко во себе, чудотворната моќ на ова место секој може да ја доживее на свој начин.
Во срцето на Националниот парк Пелистер, среде букова шума, на надморска висина од 1400 метри и на 2. километри од селото Маловишта, се наоѓа манастирот посветен на мајката на Пресвета Богородица, света Ана.
Постојат извори кои сведочат за неговото постоење уште во средината на 18. век. Денешната црква, пак, е изградена во 1936. година, додека конаците, во повеќе наврати, биле градени во дваесеттиот век.
Во деновите кога се слави, ова место е исполнето со верници од Битола, Ресен, но и од други места во Македонија, славејќи го 7. август, Успението на Света Ана.
Манастирскиот комплекс вечерта на 6. и дента на 7. август ќе ги прими сите добронамерници кои сакаат да и се помолат на Св. Ана, да и оддадат почит, но и да се освежат и уживаат во единствената природна убавина која ја нуди ова место.
Во овој манастир доаѓаат и многу брачни парови кои немаат деца. Постои верување поврзано со манастирот Света Ана кое вели дека манастирот има чудотворна моќ да дава пород!
Еве какво е верувањето и што на 6. наспроти 7. август прават брачните парови:
Брачните парови на 6. наспроти 7. август треба да преспијат во просториите на црквата „Света Ана“. А таа ќе ги слушне и исполни нивните молитви и ќе ги успокои и израдува нивните души.
Мештаните раскажуваат за многу брачни парови кои немале деца, но по посетата на манастирот добиле пород и благодарни, секогаш доаѓале на славата на манастирот. Во близина на манастирот има и лековита вода што извира од коренот на една бука и тука е од памтивек.
Извор: republika.mk