Како варварски чин реализиран преку злоупотреба на мандатот доверен од мандатите го оценуваат уставно правните експерти однесувањето на претсениците на СДСМ, ДУИ и оние раководени од Зијадин Села. Тие оценуваат дека случувањата во четвртокот треба да бидат утврдени како најголем политички и правен срам за Македонија, кој беше реализиран преки низа прекршувања.
– Граѓаните не ги гласаа да спроведуваат варваризам во претставничкиот орган на државата, туку ги гласаа за почитување на Уставот и на законите во земјата.
Самиот чин на продолжување на седницата по нејзиното официјално завршување е тешка повреда на Деловникот која потоа спирално ги создаде и останатите неуставни, незаконски и неделовнички дејствија финализирани во т.н. избор на претседател на Собранието на РМ, вели за „Република“ универзитетската професорка Татјана Каракамишева – Јовановска.
Професорката од правниот факултет посочува дека она што пратениците на СДСМ го направија по завршувањето на дваесетото продлжение на конститутивната седница носи и кривично-правна одговорност.
– Во услови кога не се води записник од собраниските служби, кога нема претседавач кој ја води седницата на местото утврдено за водење од каде ќе можат да го слушнат сите пратеници во салата, во услови кога беа згазени сите вообичаени и стандардни правила за тек на седницата, групата пратеници која се собра во делот каде вообичаено седат пратениците на СДС одлучија да си играат Собрание и да назначуваат нов претседавач на конститутивната седница. Тој нов претседавач потоа одлучи да си игра и да си назначи копретседавач кој продолжи да ја води пародијата од седница на која без да утврди кворум. без да види колку пратеници воопшто го слушаат т.н. водење на седницата продолжи да глуми копретседавач и да става точки на дневен ред. Во таква правна и деловничка играрија, групата пратеници наводно избраа претседател на Собрание кој не само што е нелегален, бидејќи е избран на шверцерски начин, со повреда на сите можни правила кои го уредуваат ова прашање, туку е и нелегитимен бидејќи никој не знае со точност да каже колку пратеници гласаа за тој избор. Оваа игра од избор на претседател создаде многу незаконски дејствија кои ќе мора итно да повлечат кривично-правна одговорност за сите учесници. Станува збор за сторување на неколку казниви дела утврдени во Казнениот законик за кои ќе мора кривично да се одговора. Кривичната одговорност мора да биде засилена за иницијаторот на групата пратеници, Зоран Заев, Ферид Мухиќ, но посебно за Горан Мисовски кој ја водеше оваа незаконска седница, објаснува Каракамишева – Јовановска.
Наводно донесената одлука за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ, која се уште никој ја нема видено, како што оценува Каракамишева – Јовановска нема правна сила и како таква не може да произведува правно дејство кон никого. Одлуката, посочува таа не смее да биде објавена во Службен весник, бидејќи е донесена со сторување на кривични дела, и на целосно незаконски и неделовнички начин.