19-годишната Александра Трајческа од Прилеп е еден од најдобрите женски вокали во моментов, не само во Прилеп, туку и во цела Македонија. Александра истовремено е посветена на нејзините настапи како дел од музичката група Crossroad Blues Band, но и на голем број настапи како соло солист.
Само во изминатите 2 месеци таа освои 5 награди, а настапуваше на домашна и меѓународна сцена.
На Државниот натпревар за вокални солисти од средните училишта во Македонија, со освоени 100 од 100 бодови со STAND UP na Cynthia Erivo, на големата сцена на НУЦК “Марко Цепенков“, Александра ја освои првата награда.
Следуваше настап на отварањето на манифестацијата „Крушево, град на културата за 2023”, каде младата прилепчанка настапи на отварањето во придружба на Камерниот оркестар од Битола. Настапот на Александра во Крушево го проследија повеќемина претставници од дипломатскиот кор во нашата земја, како и претставници од Владата и локалната самоуправа. Александра ја пееше “Ти си тој” од Лидија Кочоска, а на сцената настапи заедно со Џафер, Дарио, Наде Талеска, Нокаут, Ристо Самарџиев итн.
Следен предизвик за неа беше настапот на талент шоуто “Заблескај”, кое го организираше магазинот “Убавина и здравје”, а овој настап и донесе уште една прва награда. Александра се претстави со џез композиција, па жирито во состав: Николче Мицески – композитор и продуцент, Александра Јанева – пејачка, Антонио Димитриевски – новинар и Маја Кикириткова – моден дизајнер, беа воодушевени од нејзиниот настап.
Настапот на Александра е од 35 минута
Следните две награди, или поточно три награди ги доби на натпреварот PERFORMER CUP, кој не е музички натпревар туку натпревар на сценски изведувачи.
Во конкуренција се рецитатори, глумци, комичари, танчери од сите области: класичен, модерен, современ танц, пејачи од сите стилови: оперско, хорско пеење, поп, џез, рок музичари итн., инструменталисти на различни музички инструменти, спортисти, перформери… организирани во 3 категории: “C”, “B” и “A”, како и во повеќе возрасни групи, од 6 до 77 години, Александра го освои првото место во категоријата “А” професионалци.
Но, тоа не беше единствената награда од овој натпревар. Младата прилепчанка беше прогласена и за АПСОЛУТЕН ПОБЕДНИК на натпреварот во Македонија, па тоа и донесе и настап на Европското првенство кое се одржа во италијанската престолнина.
Во Рим конкуренцијата беше квалитетна, вели Александра и на наше огромно задоволство не извести дека се врати како добитничка на „Специјална награда за вредност на изведба“, што пак и донесе пласман на Светското првенство PERFORMER CUP, кое ќе се одржи следната година.
Во однос на идните планови, Александра вели дека е фокусирана на продолжување на нејзиното образование, а на музички план најавува нов авторски проект, за кој ќе не’ информира кога ќе дојде време.