Живеат во вечна тишина, но се големи борци: Најмногу жалат за звукот на внучињата

Во светот на тишината

– Борис Стојаноски умее да игра оро според вибрациите и ритамот на тапанот

– Управува автомобил и препознава дефект  

aktivni_clernovi

Најмногу жали шеесет иосумгодишното глуво лице Борис Стојаноски што не може да ги чуе внуците, иако кај него е развиено таканареченото деветто чуло на вибрации кое му овозможува да управува машини, дури и автомобил. Сепак, од раѓање, во тишина го минува векот. Никогаш не го почувствувал благодетот на чулото за слух, иако го осеќа ритамот на тапанот и вешто умее да игра и оро.

Родителите го откриле хендикепот на четиригодишна возраст во селото Вепрчани во Мариово. Сомневањата на татко му дака детето има вродена глувост, ги потврдиле докторите во Прилеп. Прекриен со вечен недостаток за слух е претседател на Здружението на глуви и наглуви од Прилеп во годината, кога оваа асоцијација одбележува половина век од постоењето.

2

Со преведувачот за гестикулации Димитар Башески, Стојаноски одговара дека порано потешко се снајдувал и посложен му бил животот поради тоа што комуникацијата со луѓето не му била едноставна. Со современите помагала, како што се пораките на телефоните или интернетот полесно му одат контактите. Макар што и сега има проблеми, на пример, кај лекар кога сестрата ќе го прочита неговото име, а тој не може тоа да го чуе или кога треба да се разбере за некои документи на шалтери. Смета дека околината главно  сочувствува со вродената неизлечива маана.

– Како дете ми беше многу мака затоа што не можев сам да одам каде што ќе посакав. Нужно беше некој да ме придружува и да ме носи за рака. Другарите не можев да ги разберам и тоа ми беше мака. Ниту можев да ги разберам што прават муабет, ниту можев да им се приклучам во разговорот. Тешко им го препознавав зборот со поглед во устата, оти некој многу малку ги движи усните, некој повеќе, трет зборува брзо, па не може да му се фати контекстот. Доаѓало и до недоразбирања и помалку лутења, поради во комуникацијата – со гестови објаснува Стојаноски.

3

Тој завршил осмолетка во заводот за рехабилитација во Битола и три години средно училиште во Скопје за словосложувач. Работел многу години во печатницата 11 Октомври. Неколку години подоцна во училиштето во Битола ја запознал својата животната сопатничка Живка. Во 45 годишниот брак имаат син и ќерка без проблеми со слухот, а од нив три внуци од кои дел во Канада.

– Прекрасен брачен живот имаме. Се разбираме. Лесно се разбираме. Го знаеме јазикот на гестикулациите. Комуникацијата со децата ни ја олеснуваше мајката на сопругата, потоа и тие го толкуваа нашиот “збор”. Малку ни е пречка симултаниот превод на ТВ, а порано се беше титлувано и беше едноставно да следиме филмови – објаснува Стојаноски.

Се растажува кога ги гледа внуците.

– Солзи ми навираат на очите, оти не ги слушам внуците кога ми викаат, дедо. А, за радости, свадби, родендени и свечености умеам да играм оро според вибрациите. Располагам со дар да го препознаам ритамот на инструментите. Дури и го чувствувам автомобилот. ако добро не работи. И во печатницата ме бараа да го најдам дефектот според вибрациите кога ќе застанеше некоја машина. Ќе ја ставев раката и осеќав дека машината тропа или скока и се откриваше локацијата на проблемот. Тоа чуло е замена на глувоста – пренесува Башески што кажува Стојаноски со движењето на рацете.

Стојаноски 28 години бил голман во голем и мал фудбал. Судијата го разбирал со погледот, а не по свирката.

4

Апарат против звучна изолација

Андон Пеоски е наглув 93 отсто. Во својата 68 – ма  година слуша само со апаратче. Глувоста му е професионално заболување стекнато при работењето со бучни машини во фабриката Пролукс. Од 1993 година ништо не слуша без помагалото на увото.

– Откако ми се намали слухот ги одбегнував луѓето. Не можев да викам, да прашувам неколкупати за да се разбереме. Кога го ставив апаратчето, како светот да се обои, како да прогледав и го ублажив инвалидитетот. Се разбирам и се слушам со внуците и децата – вели Пеоски.

5

Ја чувствува машината

Томе Стојаноски (48) е глуво лице. Првин бил дреар во Микрон. По стечајот, 12 години не работел ништо. Сега работи во Центарот за култура.

– Никој не ме навредил или не ме избркал од некаде дека сум глув. Луѓето се љубезни, фер и ми помагаат.  Понекогаш келнерите не ме прашуваат и им мафтам со рака да им направам нарачка. Комуницирам и со пишување. Како дреар ја чувствував машината. Се случуваше сам да ја поправам. Возењето автомобил не ми е товар веќе 28 години. Дури и им укажувам на механичарите каде е дефектот -објаснува Томе преку толкувачот.

Половина век на здружението на глуви

Сојузот на глуви и наглуви лица во Прилеп брои 230 члена. Над 90 отсто се вработени. Околу педесетина се активни и редовно се собираат во клубот во Центарот за социјални работи да играат шах, табла, карти, домино и да следат филмови со титл. Се дружат и организираат екскурзии. Се дружат за Велигден Божик, Василица и се слават празници. Се одбележуваат деновите на глувите и на инвалидите. Раководството се труди да ги анимира на активност сите членови. Организира спортски натпревари, глувите и наглувите лица да не се почувствуваат отфрлени и инфериорни во заедницата. Меѓусебно откриваат и решаваат дури и некои проблеми. Клубот е отворен секој ден, но во петок попладне имаат масовно дружење, бидејќи завршуваат работните обврски.

– Во специјалното училиште во Битола следат настава седум деца од Прилеп. Не се само толку без чулото за слух. Има деца по селата на кои родителите не им дозволуваат да се образуваат, оти е потребно да се одделат од дома од седумгодишна возраст. А училиштето е интернат, со целодневен престој со храна и сместување и третман на наставници, лекар, социолози, педагози, психолози. Училниците се опремени со сите помагала и со компјутери. За жал, дел од родителите, покрај постојниот, создаваат уште еден хендикеп, неписменост. Децата се оставаат на позрели години да не можат работно да се ангажираат. Тоа е опасност и за следното поколение. Бидејќи необразовани родители не можат да помогнат и на здравото потомство – вели секретарот на Здружението Димитар Башески.

Според него недостасуваат средства за набавка на компјутери,  потоа за интернет и за струја за греење на клубот во зимските денови.

– Потребни се средства и за спортски активности, затоа што располагаме со врвни спортисти во шах, одбојка, стрелаштво, пинг понг. Клубот е украсен со 150 пехари и неколку илјади дипломи признанија. Сакаме да организираме турнири во мал фудбал, шах или други спортови, но средствата се сопирачка. Се редуцира пристапот на членовите во клубот без доволно финансии за спортските активности – вели Башески.

Во Прилеп има една девојка од околу 25 години која не е активна во клубот, а завршила и факултет.

Ретки се семејствата на глуви со глуви потомци. Во Прилеп има само две семејства.

Државата партиципира за глувост по четири илјади денари месечно покрај платите за работните.

Извор: Неделник ЗЕНИТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.