Жална Македонија! Со просек (9,2), Специјалист и Магистер по европско право во Франција, бил одбиен за вработување како “неуреден”

Политичарите често зборат како да ги задржиме младите во Македонија, како да им се даде шанса на млади и добро образовани кадри, и колку е потребно да се вреднува квалитетот, без оглед на партиската припадност или социјален статус. Но, случајот со Симон Андов од Неготино, млад човек кој студирал во Скопје, Франција и Италија, кој говори три европски јазици и има висок просек, и што е најважно, кој има мотив и ентузијазам да работи за сопствената држава, уште еднаш покажува дека државата најчесто сама си ги брка најквалитетните кадри. Конкурирал за вработување во МНР, со многу верба и труд, но бил одбиен без многу објаснувања. Симон Андов има одлични дипломи и завидна биографија, но најверојатно ја немал вистинската партиска книшка. Штета за Симон, но уште поголема штета за Македонија.

Фејсбук статусот на Симон Андов од Неготино го објавуваме во целост:

“Од 2010 година почнав да сонувам. Сонував насекаде, од Македонија, па во Франција, Хрватска сѐ до Италија. Во 2018 година се вратив за тоа што бев спремен сонот да стане јаве. Го чекав конкурсот за дипломати на Македонија. Го чекав со месеци. Всушност, не чекав туку работев и придонесував на секој начин на кој умеев. Во меѓувреме, конкурирав во меѓувладина организација во Италија. Ме примија. Солидна позиција, коректна плата, совршена држава. Заминав.

На крај од 2018, конечно го објавија конкурсот за дипломати. Додека го читав огласот сменив температура на три годишни времиња, од топол бран до есенски ветер и на крај замрзнав кога видов – плата од 16.699 денари. Си реков од живеење пак да се вратам на преживување? Да, но сега е моментот! Не сакам да лажам, имаше многу денови кога ме враќаше помислата, се убедував и разубедував самиот. Но на крај на денот секогаш заспивав со мислата дека сепак треба да се вратам за да пробам! За мене, за фамилијата и за мојот народ!

Почнав да припремам документи – нострификација (6.000 денари), сертификат англиски (3.000 денари), да бидам поконкурентен извадов и сертификат по француски (4.000 денари), потврда за неосудуваност (600 денари), трошоци за заверка кај нотар (1.000 денари), сертификат за познавање компјутерски програми (3.000 денари). Си помислив, скокнал стандардот и за аплицирање, како ли му е на оние кои се невработени и аплицираат за работа (па никаде во Европа го нема ова, ама ајде да не се правам многу паметен).

На оваа пресметка треба да се додадт и уште околу 25.000 евра за студиите. Ма добро – за каузата вреди да се живее – за мене, за фамилијата и за мојот народ!

Еден од документите беше ДОКАЗ за општа здравствена состојба. Пратив мејл до Агенција за администрација со молба за одговор „кој документ е потребен и рокот за негова важност“. До денес не добив одговор. Во меѓувреме, татко ми се конслутира со матичен лекар, кој предложува лекарско уверение (1.500 денари) или потврда од лекар. Си реков лекарско имам од пред две години, анексиран со потврдата веројатно ќе се прифати. Или во најмала рака ќе се побара дополнителен документ во наредната фаза. Чунки кандидат за ЕУ, Европа, вредности! Чунки градиме нова дипломатска фела на државата!

Си ја наведнав главата и се прашав: зарем дипломиран правник (со просек 9,20), специјалист и магистер по европско право на ЦЕИ во Нанси, Франција, магистер по европска интеграција на универзитетот во Ремс, Франција, човек кој бил дел од Извршниот совет на УНЕСКО во Париз (2015), Постојаната мисија на Македонија во ЕУ во Брисел (2015), Министерството за надворешни работи на Македонија (2016), Централно-европска иницијатива, Италија (од 2018 до денес) – ЗАСЛУЖИЛ ДА БИДЕ ОТФРЛЕН КАКО НЕУРЕДЕН КАНДИДАТ? Зарем неуреден човек, би успеал да го постигне ова до 27 години и уште да ја одржи силната желба да се врати за свесно и совесно да се вложи во државата? Да се разбереме, не очекував црвен тепих и државни почести ниту загарантирано работно место – единствено сакав да го поминам целиот проес на конкурсот како што тоа го прават моите колеги во нивните држави.

Ех мои луѓе! Ми горче во душата! Ме печат очите, а душата сака да викне! Не само за мене. За сите оние кои заспиваат со желба еден ден да жнеат на својата плантажа. Кривци еден куп. Кој во државата, кој веќе пребегани. Немам за цел да ги посочам со прст. Проблемот и не е нов. Не е ни единствен. Потребни се иницијативи и решенија за сите идни случаи, за да не биде доцна. Во наредниот период, писмо ќе испратам до претседателот на државата, премиерот и министерот за надворшени работи, ќе алармирам и ќе зборувам гласно.

За мене, за мојата фамилија и за мојот народ!

Ќе продолжам да сонувам. Кога ќе бидам спремен сонот да го направам јаве ќе се вратам. Не знам кога. А до тогаш – Збогум Македонијо! Симон Андов”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.