Емоции до небо: Поранешната вардарка со солзи на очите се прости од црногорските навивачи (Видео)

Kaква ноќ во Морача, незаборавна. Ниту една црногорска спортистка немала вакво збогување од навивачите како што тоа го доживеа Јованка Радичевиќ.

На последниот „танц“ пред домашните навивачи легендарната ракометарка одигра фантастично, а по крајот од мечот со Полска (26-23) емоциите целосно ја совладаа – солзи течеа додека полните трибини го скандираа нејзиното име.

„Ова е премногу тежок ден за мене. Се обидов да ги потиснам емоциите пред натпреварот и за време на натпреварот, знаев колку ни значи. Сега, кога сè е готово, можам да се опуштам. Пред десет години бевме олимписки вицешампиони и европски шампиони, но можеби овие натпревари на наш терен ми беа уште поубави од тие денови. Не беше лесно да се донесе одлуката за крај на репрезентативната кариера. Најдобрите моменти во мојата кариера беа во овој дрес, но доаѓа време кога треба да размислувате за други работи и приоритети. За мене, ова е свет дрес. Ви благодарам на сите“, изјави Радичевиќ.

Црна Гора во втората фаза патува со четири бода и пред дуелите со Франција, Холандија и Романија, сонува за полуфинале. Втората етапа е во Скопје, додека завршницата се игра во Љубљана.

„Живеев и играв пет години во Скопје, а на девојките им кажав дека не сакам да ја завршам кариерата без да одам во Љубљана каде играм сега. Ќе видиме што ќе се случи, но ќе бидеме вистински „лавици“ и ќе дадеме сè од себе“, додаде поранешната ракометарка на Вардар.

Искусното десно крило пред својата публика се прости со дванаесет гола во полската мрежа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.