Прилеп, Македонија и музичката сцена минатата година останаа без фронтменот и мајстор на усна хармоника од познатиот прилепски и европски блуз бенд “Crossroad Blues Band”, Александар Дворчанец.
Популарниот Сале “Блузмен” почина по кратко боледување и здравствени компликации во ноември минатата година
Сале ќе го паметиме по неговиот исклучително весел и харизматичен карактер, по безбројните свирки и секогаш прекрасни настапи.
Во саботата кај Градскиот саат во центарот на Прилеп промоција имаше новиот прилепски бенд “Тhe Dreamers”, во чиј репертоар се најде и еден од хитовите на “Crossroad Blues Band”, “Каде е крајот”.
Дечките од бендот ја исполнија песната како посвета и сеќавање на музичкото наследство кое ни го остави Сале, а во тие неколку минути публиката со емоција се присети на неговиот ведар дух и секогаш насмеано лице.