Езерцето замрзнато, организаторите чистат и уредуваат – Огромен интерес кај верниците за Водици да присуствуваат на Плетварското езерце (ФОТО)

ФОТО/ВИДЕО/ФБ/Gin Da

Од година во година расте интересот кај прилепчани, како и кај верници од други градови, празникот Богојавление – Водици да го одбележат со влегување во водите на Плетварското Езеро кај Прилеп. Оваа година е регистриран најголем број пријавени верници – мажи, жени и деца – кои ќе влезат во осветената вода и ќе бидат дел од едно поинакво одбележување на големиот христијански празник.

Богојавление, познато и како Водици, е еден од најзначајните христијански православни празници. Со него се одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кога за првпат се јавила Светата Троица – Синот во водата, Светиот Дух во облик на гулаб и гласот на Бог Отецот од небото. Празникот симболизира прочистување, обновување и духовно раѓање.

„Ги покануваме сите христијански верници да бидат дел од осветувањето на водите на Плетварското Езеро. Сите учесници кои ќе влегуваат во езерото да го користат патот од селото Плетвар, а за излез патот преку Ореовец, со цел да се избегнат непотребни гужви и застои“, истакна еден од организаторите, Антонио Гически.

Организаторите деновиве го средуваа просторот, се чистеше и се рамнеше теренот, за се да биде подготвени за неколку стотиците верници кои се очекуваат да го посетат Плетварското езерце за Водици.

Манифестацијата ќе започне во 10:45 часот со осветување на малиот параклис, изработен од кумовите на настанот. Идејата за овој духовен чин потекнува од минатогодишните кумови – семејството Минчески и семејството Најдоски.

Во 11:00 часот ќе следува осветувањето на водите на Плетварското Езеро, по што верниците ќе влезат во осветената вода како дел од празничниот обред.

За сите учесници се обезбедени дрвени крвчиња како симболичен подарок и спомен на нивното духовно раѓање. Топлите напитоци и малите шишенца со света вода, како и секоја година, ќе бидат неизоставен дел од оваа манифестација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.