Едната изградена за само 100 дена, а другата за 9 месеци, и двете чекаат со години да им се врати сјајот: Ќе ги добие ли Прилеп годинава двата спортски храмови во функција?

Двете прилепски спортски сали, Универзалната и „Македонија“, кои со години чмаат празни во својата тажна запоставеност, се’ уште чекаат подобри времиња.

Овие две спортски сали, со години се рак-рана на прилепчани, а особено на спортската јавност, заради што речиси редовно беа и предмет на политички и партиски ветувања, но и препукувања, особено Спортската сала „Македонија“. Најсвежото беше од 2017, кога тогашниот кандидат за градоначалник од СДСМ, а потоа и градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, вети целосна реконструкција на оваа спртска сала и нејзино прераснување во модерен Спортско-рекреативен центар, што не се случи, па така ова импозантно здание и ден-денес нестрпливо чека на реконструкцијата.

Во средината на 90-тите години оваа сала беше опожарена до темел. По неколку години, односно до 2000-та година беше и обновена, но оттогаш наваму таа сепак остана да зјае празна и запуштена, бидејќи и по повеќе од две децении – нема технички прием.

Инаку, Спортската сала „Македонија“ е во надлежност ЈП за стопанисување со спортски објекти, а додека Универзалната сала која УЈП му ја одзеде на Тутнскиот комбинат, е во надлежност на ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.

Прашањето е дали Прилеп ќе доживее одново двете спортски убавици да блеснат во стариот сјај?




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.